hdr_vivi

Скоро во исто време кога се оформувал Бејлер Маалеси, истото го изведувал и еден друг елитен кварт, христијанскиот, кој, заради црквата околу која се беше се сместил, познат станал како „Клисе“, „Црквено Маало“, односно и како „Квартот Димитри“.

Кога во посета на Битола дошол познатиот француски патописец Ами Буе (1836-1838) таму беше наишол на 4 новоизведени улици. Се простирал на приближно истиот простор на кој и претходно се наоѓал дел од градот, Варошот. Откако Воената болница, која се наоѓала во оваа регија, се дислоцирала во Јужниот воен кампус, овој дел му се препуштил исцело на новопечени христијани богаташи, кои своите капитали беа ги стекнале во странство, посебно во западноевропските центри. Слично на муслиманската елита од Крајдрагорјето и тие позабрзано и послободно почнале да го окупираат и да формираат пошироко заедничко живеалиште. Почнале да надоаѓаат и конзули и во позајмени објекти да ги сместуваат своите конзулати, како и новоотворените банки, потоа и Грчката митрополија, грчката црква, Општинскиот театар, неколкуте училишта, со што се оформил, не само посебен, но и втор елитен кварт. Нешто откако се случил и егзодусот на Власите од Москополе, Пинди Грамос и нивното преселување во Битолско и во Битола, дел и од нив, главно, побогатите, исто така, се определиле за трајно настанување во оваа регија.

Имало и Македонци (Робевци), но повеќето биле пребогати Власи, кои потпаѓаат под силното влијание на грчката пропаганда. Богатството на некои успеал да го дознае рускиот конзул Скрјабин и го забележал во својата книга за Битолскиот вилает, издвојувајќи ги, меѓу другите, и овие: Христо и Георги Дума, браќата Сонти, Константин Кацујани, Мацали,

Некогашната куќа на Мацали

Георги Папазоглу, Стерјо Лала и др.

Некогашната куќа на фам. Лала

Тие се, ете, дел од новата елита во градот, кои се двојат не само според „француското руво“, но и според начинот како живеат, како го замислуваат и како го градат својот дом. Генерално, тој осега е од тврда градба, има приземје и кат, катот служи за ноќен престој, а дневната соба поврзан е со долните простории. Во форма е четвртест и е со алуминиумски покрив, со камени балкони, преку кои се открива нагласената љубов кон сонцето и светлината, има и прекрасна фасада, многу врати и засводени прозорци и основниот впечаток што го остава е дека „можеби е тесен за сопственикот, но е толку голем и убав, што е и толку пожелен за минувачот“.

Квартов денес го сочинуваат улиците „Стерјо Ѓорѓиев“, „Славко Лумбарковски“, „Јорго Османо“ и „Белградска“ и влезен е веќе и во народната песна како „Влашконо Маало“ („Во Влашконо Маало, жолти куќи високи“). Многу од од овие објекти и денес го привлекуваат вниманието и претставуваат значајно културно-историско наследство.

Еден од нив е и домот на семејството Татарчеви од улицата „Стерјо Ѓорѓиев“ – 21, скоро осамен со својата непробојност на внатрешниот зелен мир и интимитет.

Домот на Татарчеви

Освен балконот, изведен од ковано железо и со мермерен под, кој виси над малата плоштатка од улицата, скоро ништо не навестува на раскошот што се открива кога ќе се раскрили старата и тешка дрвена порта, наследство од минатото. Сето тоа љубоморно е заштитено и со посебно внимание, најмногу со високата авлија што се протега по целата должина до соседниот дом. Калдрмата внатре уште од портата се шири до двата влеза на домот (главниот и помошниот) и до првите цвеќиња од дворното зеленило. Посебна е, колоритна и мозаична е. Не се употребени вообичаените калдрмирани мазни камења, туку камчиња, изведени во форма на Давидова ѕвезда. До главниот влез водат мермерни скали, влезот е дрвен и со обоени стакла. Внатрешниот хол е простран и ги поврзува собите оф приземјето и скалите од импрегнирано тешко дрво, кои водат кон горниот кат. Денешните сочувани тавански и други сликарски изведби говорат дека овде се внимавало на секоја четка и на секое длето на уметникот. Не знаеме кој бил нарачателот, кој бил изведувачот и кога точно е извршена градбата.

Домот на фам. Татарчеви

Записот на мермерната чешма од дворот говори за 1901 год., но дали таа е и годината на градбата, остана непознато. Лесно се зклучува дека домов служел и за станбено уживање, а и за профит, зашто во некогашниот простран јужен дел имало огромен склад за житарици кој можел да збере количина и од 10 тона, од што произлегува дека сопственикот или се занимавал со земјоделие, или бил богат чифликсајбија. Дали Константинос Георги Киријакис, чиј мермерен саркофаг со необична богата орнаментика и мошне успешно мермерно торзо, кој го пронајдовме во Буковските гробишта, му се препишува домов е и првиот сопственик, е посебно прашање. Според записот на гробот, починал на 70-годишна возраст, во 1921 год., а новиот сопственик, во 1937 год., преку јавна лицитација, станал Данило Татарчев, еден од акционерите на Текстилното претпријатие кај Црн Мост.

Ист таков, велелепен објект, од приземје и кат и симпатичен двор, кој е со два влеза, едниот на ул, „Славко Лумбарковски“- 6, меѓу 1906-1909 го граделе гопешани, со средства на Наум Хаџи Коста, трговец.

Куќата на фам. Хаџи Коста Милевски

Неговиот син Александар имал патничка агенција и станал претставител на фирмата „Дуран“, која тргувала со лесни коли, додека Александровиот син, Диоген, следел правни науки во странство и откако се вратил во Битола, станал судија во битолските судови од каде и се пензионирал.

Објектов привлекува внимание не само со внатрешната функционалност, влезот и габаритот, а и со посебната фасадна изведба, особено од првиот кат, која е лиена и е единствена во градот. Семејното предание тврди дека истиот извесно време служел и како Грчка митрополија.

Наспроти него, од другата улична страна, се наоѓа ист таков, четириаголен двокатен објект, со мало уредено дворно место, кој во поново време го откупило семејството Давкови.

Некогашната куќа на Давкови

Внимание привлекуваат и двата објекта на семејството Балабан (ул. „Стерјо Ѓорѓиев“ – 34 и 32), од кои, едниот е уличен и крајно запоставен, скоро и напуштен, а со необично богатата фасадна орнаментика, единствен во градот.

Некогашната куќа на Аврам Балабан

Воодушевуваат влезот, столбовите, кои го крепат широкиот балкон од ковано железо од вториот кат, полустолбовите и мноштвото, скоро безбројни, фасадни украси (посебно фигури од луѓе), богатиот мермерен материјал за скалите и во внатрешноста. Бил дом на семејството на д-р Аврам Балабан (Балабаноглу, Балабанидис) (1865-1913), познат хирург, гинеколог, сопственик и на аптека од крајот на 19 и почетокот на 20 век, која се наоѓала во близина на домот.

Лекарските прегледи и хируршките интервенции ги вршел во помал, функционален и со вкус граден објект во дворот, кој се состои и денес од високи визби, приземје и кат, изведен со столбови и атика. Пар столбови го крепат балконот од првиот кат, ист таков ја држи и атиката. Мермерот е на влезот, бил и во операциската сала, кој денес е пренесен во дворот. Во приземјето некогаш имало само една соба и внатрешни кружни дрвени скали кои воделе до горниот кат, каде, покрај операциската, постоела уште една собна просторија. И таа, и другата од приземјето, служеле за постоперациски времен стационар за болните врз кои зафатот го извршувал Балабан, заедно со асистенката, ќерката од првиот брак (Василики), која му станала и инструменталиска.

Д-р Аврам Балабан во Битола пристигнал во периодот меѓу 1899-1901 год., откако работел кратко време и на други места. Потекнувал од Кесарија (Турција), а животот го завршил во Битола како жртва на пегав тифус, како мобилизиран лекар во српската војска. Со втората сопруга, која потекнувала од семејството Османли, добил 4 сина, од кои двајца ја одбрале професијата на таткото (д-р Ѓорѓи, д-р Пастор) од кои само еден, д-р Ѓорѓи, останал во Македонија и работел како медицинско лице додека д-р Пастор, Хипокрит и Димитрија заминале за Белград.

Нема податоци кога точно објективе во Битола се подигнати, но бидејќи десетина години престојувал и работел како индивидуален лекар тука, нема да се погреши дека и тие потекнуваат од тоа време, односно дека се градени во првите години од 20 век. Со спецификите со кои се одвојувал како индивидуа, високиот раст, исклучиви долги и мошне негувани и впечатливи мустаќи, рецептите со посебни аголни цветни и други украси, единствени во архивата на аптекарката Рајна Алексова,

Аптекарката Рајна Алексова

како и желбата и интимниот и ризичен операциски чин на абдомен на жена во фереџе да се овековечи на фотографија, изведен заедно со ќерката асистенка и аптекарот османлија, го издвојуваат за ексцентричен и дека веројатно таму треба да се бара и одговорот за единствената убавина и посебноста и на неговите објекти. Ваквите објекти во квартов, подигани или доградувани во континуитет, се бројни и истиот го издвојуваат како заокружена и посебна целина.

За време бугарската управа Квартов добил ново име, „Кварт Робев“, најмногу заради познатото охридско семејство Робевци, кое со генерации живеело и се множело во него.

Извадок од книгата Градби на проф. Александар Стерјовски