Сместена во центарот на познатото Влашко маало, маалото со жолти куќи се наоѓа уште една грандиозна убавица, прекрасна градба, резиденција, остаток и спомен од некогашната убавина на конзулските времиња кога Битола беше град над градовите.

Градена во барок стил со лиена фасада правена од врвни виенски мајстори со помош на посебна техника со дрвени калапи и орнаменти кои биле набавени од Солун.

Во почетокот на 20-тиот век околу црквата Св. Димитрија биле населени Влашки фамилии трговци и еснафи, кои во тоа време беа двигателите на подемот на нашата Битола.

Фамилијата која ја изградила оваа куќа во битолско доаѓа од Москополе, Албанија од каде бегаат од зулумите на Али Паша Јанински. Тие најпрвин се населени во с.Гопеш каде Наум донира икона во тамошната црква во 1848 год. Кога Битола станува центар на Румелискиот Вилајет семејството од Гопеш доаѓа во Битола. Од неколку браќа турци Наум ги купува имотите околу црквата св.Димитрија, а неговиот син Александро ја гради оваа резиденција далечната 1906 до 1909 г. Овој објект е единствениот, со таков изглед и релјефна фасада во нашиот град.

Како богата фамилија Хаџи-Коста поседувале и многу голем имот во близина на денешно ОУ Стив Наумов, други куќи кои се сега отуѓени, дуќани во Пекмез Пазар едниот во строг центар, другиот бил прилепен за Јени џамијата од кои продавале жито, брашно и најразлична стока. Користејќи ги своите контакти и трговски врски кои ги имал Александро, ја отвараат првата Агенција за прекуокеански патувања и посредување за работа во Америка, која била на сам Широк Сокак, веднаш од левата страна до Католичката црква.

Со тоа уште повеќе го зголемуваат нивното богатство и биле меѓу првите во Битола кои купуваат автомобил марка Форд Т-модел со кој се дел од големата елита во Битола. Покрај ова тие ја поседувале и првата авто-механичарска работилница.

Според кажувањата на сопругата на Диоген, Нада Хаџи-Коста (моминско Стефанова) за падот на економската моќ на семејството Хаџи-Коста. Во втората половина на 20-тите години од минатиот век, Александро го проширува бизнисот и економското делување. Поседува дел од зграда на самиот кеј во Солун, се занимава претежно со трговија. Успева да влезе во бизнис зделка со тогаш моќната компанија Дурант од В.Британија со идеја да отвори претставништво за резервни делови за тешки возила и механизација во Солун како и продажба на товарни возила. За жал, недолго после овој успешен чекор, се случува падот на берзите во Њујорк и Лондон по што следува големата светска економска криза. Поради тоа што компанијата на Хаџи-Костови заедно со партнерите од Велика Британија биле задолжени кај Лондонските Банки во форма на меници, а како последица на крахот на компанијата Дурант која била гарант, Александро претрпува огромна штета и му се налага да продаде голем дел од својот имот за да ги исплати мениците кои му достасуваат од Лондон за наплата веднаш. После овој настан, семејниот бизнис опаѓа. Според кажување на Диоген, а пренесено од неговата сопруга Нада, Александро и предлагал на неговата сопруга Магдалена да одат на првото патување со Титаник откако како претставник на компанијата White Star успеал да обезбеди билети. За среќа, предлогот не бил прифатен.

Александро имал четири деца Диоген, Домника, Марија и Полимнија. Диоген дипломира Правно политички науки на Сорбона во Париз пред почетокот на Првата светска војна и како единствен машки наследник бил повикан од неговиот татко да се врати и да го превземе имотот.

После Првата светска војна во куќата била сместена Грчката патријаршија и просториите биле украсени со декоративни фрески на неколку ѕидови. За време на Втората Светска војна куќата и целиот имот со исклучок на еден скромен објект е одземен, а потоа и национализиран. За време на војната после повлекувањето на окупаторите, куќата е претворена во штаб на ОЗНА.

Бидејќи на секој од катовите имало по 6 простории, после 1945 год. во куќата се вселуваат повеќе фамилии на војни лица и офицери на ЈНА.

Во периодот после војната Диоген, единствениот син на Александро кој работел како судија во судот во Гостивар, во 1951 година се враќа во Битола. Тој бил основоположник на Правосудниот систем во Македонија и бил пример во градот за чесност и праведност. Тој ја олицетворувал идејата дека сите се еднакви пред законот, поради што бил многу почитуван но имал и многу непријатели.

По враќањето во Битола Диоген немал каде да живее зошто во куќата веќе живееле повеќе фамилии. Неговата сопруга Нада, ја искористила својата итрост и на вселените фамилии им побарала документи за тоа кои соби ги поседуваат. На почеток успеала да најде една соба, за која еден од станарите немал документ, а ја користел, и заедно со своите деца се вселила во неа. Како што заминувале фамилиите, така една соба по една Нада ги освојувала просториите и на крајот на 50-тите успеала целата куќа да ја врати во владение на семејството Хаџи-Коста.

Денес е во сопственост на наследниците на Диоген, Домника и Марија.

Оваа репрезентативна градба е сместена во најстрогиот центар на градот на ул.Јорго Османо во Битола и заедно со нејзиниот прекрасен двор се инспирација за битолчани кои преку своите фотографии го овековечуваат ова маѓично место и за замена добиваат преубава колекција од нивните фотосесии и свечени моменти…

Благодариме Диоген Хаџи-Коста Милевски, ти благодариме од срце…

Резиденција Хаџи-Коста Милевски

Приказната е дел од проектот Раскажи ја својата приказна

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here