Битолско минато со Пет(ар) во Пет(ок)
Петар Ставрев специјално за Бабам Битола
Лекар жртва на професијата
Со појавата на Ковид 19 многу здравствени работници во светот вршејќи ја својата професионална должност ги загубија животите. Такви случаи имало и во минатото зашто во ангажирањата да ја применат својата професионална и хумана должност без разлика на опасностите се вложувале до максимум.
Во битолското здравство таков познат е случајот е со Аврам Балабан.
Имено на Буковските гробишта на гробот на Аврам Балабан пишува дека во 1913 г. бил жртва на Балканските војни.
Настојувајќи да откриеме нешто повеќе за него ги прегледавме книгите на Прим. д-р сци. Мед. Петар Бојаџиевски (1939 – 2014) за битолското здравство во минатото некои и во коавторство со неговата ќерка дипл. фар. спец. Рената Бојаџиевска-Цветковска во кои покрај другото за Аврам Балабан пишува дека бил роден во 1865 г. Ендурјуг -Кесарија, денешна Турција, а медицинските студии ги завршил во 1890 г. во Цариград и се стекнал со диплома на доктор по медицина и хирургија. Работел во Бугарија, Охрид, Струга, Приштина а потоа дошол во Битола, каде живеел и работел во близина на дрвен пазар во оваа куќа како хирург и гинеколог. Умрел во 1913 г. за време на Балканските војни од тегав тифус. Во првиот брак ја добил ќерката Василики која му помагала како асистентка и инструментарка во дворот на својата куќа, каде имал ординација и операциона сала.
Од вториот брак имал четири синови, Хипократ бил конзул, Ѓорѓи лекар во Битола и Скопје, Пастор лекар во болницата за ТБЦ во Битола, а потоа во Алжир и Димитар – економист.
Според искажувањето на сегашните сопственици во овие куќи живееле и работеле Балабанови.
Петар Бојаџиевски има изнесено и други сознанија за Аврам Балабан и неговото семејство во писмено соопштение добиено од Димитар Балабанов кој живеел во Белград како и неговиот брат Пастор.