Уште пред стотина години во Битола имало дел од новата елита во градот кои се двоеле не само според „француското руво“, но и според начинот како живеат, како го замислуваат и како го градат својот дом. Генерално, тој сега е од тврда градба, има приземје и кат, катот служи за ноќен престој, а дневната соба поврзана е со долните простории. Во форма е четвртест и е со алуминиумски покрив, со камени балкони, преку кои се открива нагласената љубов кон сонцето и светлината, има и прекрасна фасада, многу врати и засводени прозорци и основниот впечаток што го остава е дека можеби е тесен за сопственикот, но е толку голем и убав, што е и толку пожелен за минувачот“.
Битолскиот кварт Димитри денес го сочинуваат улиците „Стерјо Горѓиев“, „Славко Лумбарковски“, „Јорго Османо“ и „Белградска“ и влезен е веќе и во народната песна како „Влашкoтo маало“ („Во Влашкото маало, жолши куќи високи“).
Куќата на фамилија Татарчев
Многу од од овие објекти и денес го привлекуваат вниманието и претставуваат значајно културно-историско наследство. Еден од нив е и домот на семејството Татарчеви од улицата „Стерјо Ѓорѓиев“ – 21, скоро осамен со својата непробојност на внатрешниот зелен мир и интимитет.
Освен балконот, изведен од ковано железо и со мермерен под, кој виси над малата плоштатка од улицата, скоро ништо не навестува на раскошот што се открива кога ќе се раскрили старата и тешка дрвена порта, наследство од минатото.
Сето тоа љубоморно е заштитено и со посебно внимание, најмногу со високата авлиjа што се протега по целата должина до соседниот дом. Калдрмата внатре уште од портата се шири до двата влеза на домот (главниот и помошниот) и до првите цвеќиња од дворното зеленило. Посебна е, колоритна и мозаична е. Не се употребени вообичаените калдрмирани мазни камења, туку камчиња, изведени во форма на Давидова ѕвезда. До главниот влез водат мермерни скали, влезот е дрвен и со обоени стакла. Внатрешниот хол е простран и ги поврзува собите од приземјето и скалите од импрегнирано тешко дрво, кои водат кон горниот кат. Денешните сочувани тавански и други сликарски изведби говорат дека овде се внимавало на секоја четка и на секое длето на уметникот.
Не знаеме кој бил нарачателот, кој бил изведувачот и кога точно е извршена градбата. Записот на мермерната чешма од дворот говори за 1901 год., но дали таа е и годината на градбата, остана непознато. Лесно се вклучува дека домов служел и за станбено уживање, а и за профит, зашто во некогашниот простран јужен дел имало огромен склад за житарици кој можел да збере количина и од 10 тона, од што произлегува дека сопственикот или се занимавал со земјоделие, или бил богат чифликсајбија. Дали Константинос Георги Киријакис, чиј мермерен саркофаг со необична богата орнаментика и мошне успешно мермерно торзо, кој го пронајдовме во Буковските гробишта, му се препишува домов е и првиот сопственик, е посебно прашање. Според записот на гробот, починал на 70-годишна возраст, во 1921 год., а новиот сопственик, во 1937 год., преку
јавна лицитација, станал Данило Татарчев, еден од акционерите на Текстилното претпријатие кај Црн Мост.
Текстилното претпријатие
Од левата страна на реката Драгор, веднаш под Црн Мост, во пространиот двор на домот на некогаш вонредно богатиот Садик беј, за кого во крајот на 19 век пишува и рускиот вицеконзул Скрјабин, вбројувајќи го меѓу
најбогатите битолчани, во 1927 год. биле подигнати неколку поголеми објекти со наменска, стопанска цел, за претпријатие за обработка на текстилни производи. Се состоело од машинско одделение во кое современите машини енергијата ја црпеле од нафта, две пространи, светли и проветрени производствени хали во кои посебен впечаток оставале огромните фабрични прозорци, како и силниот вентилатор кој доведувал чист воздух во внатрешноста. Впечаток предизвикувал и уредениот цветен парк во кој работниците го врвеле краткиот одмор. Со вака уредено претпријатие очигледно било дека раководителот, човек со европски стил, Данило Татарчевиќ, е далековид и дека своите работни искуства ги има црпено во странство. Таквиот однос кон работата и кон вработените давало резултати за очигледниот стопански успех, зашто додека сличните претпријатија во градот и надвор од него во економското кризно време се давеле во долгови и пропаѓале, ова во континуитет напредувало, дури и ја ширело работата.
Данаил Татарчев (1898 – 1964) студирал економски науки во Франкфурт на Мајна, застанал на чело на претпријатиево со име „Битолска текстилна индустрија К. Д. – Битола“ како најголемо од
вкупно 17 – те акционери (меѓу другите и Илија Србиновиќ, Симјановиќ), кое на првата и втората државна изложба во Скопје освоило сребрен и златен орден, а на големиот Меѓународен саем во Солун, во 1931 год., диполома и златен орден. Во првите години по ослободувањето, претпријатието било национализирано, а Татарчев осуден како воен профитер на три години затвор, од кои одлежал една година (соопштение и презентација на семејна документација на д-р Никола и Олга Татарчеви од Битола, син и снаа на Данаил, 23.10.2016г.).
Производството во него се состоело од памучни и волнени поткошули и други, слични текстилни производи од домашни квалитетни суровини со кои го имало освоено скоро сиот пазар не само во Македонија и пошироко, особено во Косово, не само заради квалитетот, уште повеќе и заради применувањето на локалниот колорит и традиции во изведбата, оттаму тој пазар и најмногу да му носи профит. Претпријатиево било меѓу поголемите во градот, вработувало меѓу 35-40 лица чиј број се зголемувал и дупло во сезоната на зголемената побарувачка и се сметало за предвесник на едно сосема ново стопанско време што треба да дојде во Битола. Во него се вовело и нов, капиталистички дух во производството, дисциплината била беспрекорна, немало слободни движења низ халите, разговори во процесот на работата, напротив, имало почитување на работникот и на работното време, во кое спаѓале и работниот одмор и наградите.
Александар Стерјовски „Градби“