Спортска витрина на Петар Ставрев

Неодамна во Белград на 75 годишна возраст почина познатиот српски фудбалер Илија Петкович-Петко. Тој на белградските гробишта е погребан меѓу заслужните граѓани веднаш до неговиот некогашен соиграч и пријател Драгослав Шекуларац-Шеки.

Извесен период двајцата настапуваа за ОФК Београд и југословенската репрезентација, заедно се фотографираа и заедно ќе почиваат во вечноста како едни од најдобрите фудбалери со богата домашна и меѓународна кариера.

Илија Петкович роден беше во Книн 1945г. За ОФК Београд настапи на 212 натпревари и постигна 37 гола. А за репрезентацијата на Југославија играше од 1968 до 1974 и тоа на 43 натпревари постигнувајќи 6 гола.

Од 1973 до 1976 играше во Троа-Франција, а со ОФК Београд го освои купот на Југославија чиј селектор беше извесно време. Беше наречен ,,Тајфунот од Карабурма”.

Побогата и побурна кариера од Петко имаше Шеки, кој беше роден 1937г. во Штип, каде пред неколку години му е подигнат и споменик. Тој беше втората Ѕвездина ѕвезда после Рајко Митич, а по него тој епитет го добија Владимир Петровиќ-Пижон и Драган Џаич.

Шеки беше фантастичен дриблер и за Црвена ѕвезда одигра 375 натрпевари и постигна 119 голови, за ОФК Београд играше на 38 натпревари и постигна 5 гола. Шеки за Југославија одигра 41 натрпевар постигнувајќи 6 гола.

Кариерата ја продолжи во Германија, Гватемала и Америка, а како тренер на Црвена ѕвеезда гостуваше во Битола против Пелистер кога претседател беше Митко Бутлевски кој во името на клубот му подари уметничка слика од Борислав Траиковски и организира посебна трибина со него и битолчани во Домот на културата. Шекуларац беше голем љубимец не само на битолчани туку и на многу други симпатизери на фудбалот во Југославија и странство.

Благодарност до Драган Балтовски за испратената фотографија од Белград