Изминатиот викенд Ски – центарот Нижеполе беше домаќин на несекојдневен спортски спектакл, каде што на повеќе локации во Националниот парк Пелистер силите ги одмерија ентузијасти, спортисти и рекреативци, во планински велосипедизам, трчање по планински патеки и качување по карпи.
Ни претставува голема чест и задоволство, но и привилегија да сме домаќини на ваков настан. Сметаме дека бевме на ниво на задачата и дека ски – центарот Нижеполе во соработка со организиторот, се покажа како одличен домаќин, и ги исполнивме сите барања и стандарди кои беа поставени за одржувањето на натпревар од овој карактер. Во оваа прилика сакаме да му честитаме на организаторот за беспрекорната организација на овој настан и им порачуваме дека ЈП „Стрежево” – Битола и во иднина ќе придонесе во организација, поддршка, учество и помош за време на подготовките и одржувањето на овој настан.
Целта на организаторите е настанот Bitola Outdoor Festival да прерасне во еден од најголемите спортско – рекреативни настани во регионот и да привлече уште поголем број на учесници и тркачи од најразличен калибар. Главен спортски настан беше планинската трка Pelister Ultra-Trail во должина од 61 км, со 3650 метри искачување и 3660 метри симнување. Сите настани кои се одржаа во рамките на манифестацијата се реализираа според предвидените протоколи донесени од меѓународните асоцијации за планинарење UIAA и ITRA, асоцијацијата за планинско трчање и Федерација на Планинарски Спортови на Македонија.Првото издание на Bitola Outdoor Festival беше во целост усогласено со протоколите на Владата согласно Планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.Најавуваме дека активностите на претпријатието во насока на збогатувањето на содржините за посетителите ќе продолжат во наредниов период.
ЈП Стрежево Битола