Од битолското минато:
Со ПЕТ(ар) во ПЕТ(ок)
Петар Ставрев секој петок специјално за “Бабам Битола“
На “Партизанските гробишта” кои се наоѓаат веднаш до “Буковските” е гробот на кои пишува дека се наоѓаат посмртните останки на народниот херој Стеван Наумов – Стив кој е празен и во него никогаш не било сместено неговото тело.
После убиството на неговиот соборец Мите Богоевски од страна Бугарските фашисти, Стив со бомба сам си го одзема животот на 12.09.1942 година кај шумата во с. Болно, ресенско.
Заради нивната “големина” Бугарите не сакале да се знае нивното гробно место и ги погребале на непозната локација. Кога се востановуваа “Партизанските гробишта” беше направен импровизиран гроб за симболично Стив да се „наоѓа“ меѓу своите соборци.
По завршување на Втората светска војна при едно гостување на хорот “Стив Наумов“ во Софија тогашниот претседател на друштвото Веле Лозановски- Русиот го пронајде станот на генералот на Бугарските сили во Битола, Иван Маринов и го замоли да му го каже местото каде ги погребале Стив и Мите, но од него добил негативен одговор.
Тајната за местото каде се погребани Стив и Мите, не успеале да ја откријат ниту повеќето историчари кои го обработувале и пишувале за неговиот револуционерен пат. Се знае дека тој е роден на 27.10.1920 година во Битола, извесно време живеел во куќата на ул. „Преспанска“, потоа „Преспа“, а сега „Пецо Божиновски“ која денес е претворена во спомен куќа-Музеј.
Стив Наумов бил организатор на низа Партизански акции во овој регион. Учествувал во формирање на некои Партизански одреди и бил мошне почитуван меѓу својте другари.
На 6ти Мај 1942 година на ул.Елпида Караманди го пресретнал и го убил Началникот на бугарската полиција Александар Ќурчиев, а во август учествувал во нападот на полициската станица во с.Кажани. За народен херој е прогласен на 29.06.1945 година.