Свесни за моменталната состојба со која се соочува целиот свет а предизвикана од корона вирусот, знаеме дека ситуацијата е далеку од решена, па и завршена. Се соочуваме со нешто досега непознато за човекот и ништо нема да се смени или подобри само од себе додека не се вклучиме сите активно да придонесеме за поефективно справување со овој вирус.
Секој човек како поединец може најмногу да придонесе со придржување кон препораките од надлежните институции и преку покажување почит за трудот на оние кои работеа најмногу за да се стави ситуацијата под контрола и животот да се одвива понормално.
Во период кога самата компанија КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола се соочува со последиците од економската криза во автомобилската индустрија, се обидуваме да ја задржиме мотивацијата, позитивната енергија и да најдеме начин да си ја потврдиме вербата во доброто како најголема сила на светот.
За таа цел, одлучивме да дадеме придонес за зајакнување на капацитетите за тестирање на населението со донирање на Екстрактор во Центарот за Јавно Здравје во Битола со што оваа установа ќе биде оспособена за спроведување на тестови со кои ќе се утврдува дали некој е позитивен или не на корона вирус на регионално ниво. Се работи за апаратот „InnuPure C16 touch“ со кој ќе се доопреми молекуларната лабораторија за спроведување на потребните тестирања. И покрај огромната побарувачка на светско ниво за ваквите уреди и долгите рокови на испорака, КШМК успеа да издејствува еден од овие апарати да биде донесен во ЦЈЗ Битола. Според стратегијата на Министерство за Здравство на РСМ, Битолската Болница веќе е назначена за регионален центар и добро е да бидеме што подобро припремени за спроведување на постапката од почеток на дијагностицирање на вирусот кај пациентот, навремено започнување со лечење, се до целосно излекување.
Следната недела стручна комисија треба да направи проценка за исполнување на стандардите на лабораторијата и да даде дозвола за воведување на методата во рутинска работа. Во почетокот е планирано да се изработуваат по 50 тестови дневно со што ќе може да се задоволат потребите на граѓаните од Битола и регионот.
Ова го правиме со цел да помогнеме во овие моменти во кои се наоѓа нашето општество и да покажеме заедништво кога сите сме погодени од здравствен, економски и социјален аспект. Со оваа можност придонесуваме за обезбедување релевантни податоци со кои понатаму одговорните институции ќе можат да ја градат својата стратегија.
Факт е дека овој период на многу услови не можеме да влијаеме бидејќи зависиме од глобалните синџири на снабдување, меѓутоа она за што сите треба да навиваме е да имаме прилика повторно да вработуваме, да развиваме, да даваме, да креираме можности. Тоа е најдобриот начин да се залечат последиците од оваа криза.
Во меѓувреме, ќе наоѓаме начини да помагаме и да придонесеме за здравјето на нашите вработени и за сите граѓани од пелагонискиот регион.
Апелираме до сите луѓе да бидат одговорни, да се грижат за своето здравје и за здравјето на другите, да ги почитуваат мерките, затоа што можеби денес се слуша за некој пример што не го знаеме, но, можеби утре тој пример да биде наш познат, сакан и близок.
Откажување нема, бидејќи сите имаме зошто да истраеме затоа што животот пак ќе биде убав, само треба да успееме да останеме здрави, совесни и да станеме подобри и посложни луѓе после овие големи предизвици.
Кромберг и Шуберт Дооел Битола