Битолско минато

Со (ПЕТ)АР во

ПЕТ(ОК)Петар Ставрев

Специјално за Бабам Битола

Низ битолските улици секојдневно крстосуваат разни превозни средства, а во последно време и тротинети на електричен погон. Некогаш иако со мотори управуваа мал број битолчани сепак нивните сопственици организираа и мото трки и тоа најпрвин околу реката Драгор, потоа обиколувајќи го градскиот парк, а и на други места. Познати беа тркачите Бекташ, Кецкар, Тоде-Моши, Рапчу и др.
Пензионираниот нотар- Петар ни кажа дека неговиот татко Тоде Силјановски-викан Моши на повеќе пати учествувал и победувал на мото трките.

Во еден период бил и најдобар моторџија во градот, а бил забележан и по тоа што прв во Битола од Германија донесол автомобил “Форд Таунус”.

Во 1962 год. Тоде заедно со Перо Герзо ја формира механичарската работилница “Торпедо” што се наоѓаше на излезот од Битола на патот за Новаци. Во неа се вршеа механичарски и електричарски услуги, изработка на акумулатори, продажба на авто-гуми, горива и плин, а подоцна таа прерасна во авто салон со перална.

Мото трките од Црн мост до Градскиот саат привлекуваа голем број гледачи, а потоа и љубители на овој атрактивен спорт. Тоде Силјановски беше роден 1924 год. а почина во 1977 год.

Најпрвин имаше мотор ДКВ со 175 кубици а потоа неговата љубов за моторите ја наследи синот Петар, кој како и неговиот татко не може да се откаже од моторите.

Мото трките се дел од овој атрактивен спорт во Битола, а имињата на нивните први учесници нема никогаш да бидат заборавени, иако подоцна и други битолски моторџии учествуваа и на меѓународни трки постигнувајќи врвни резултати.