Битолско минато

СО ПЕТ(АР) ВО ПЕТ(ОК)

Петар Ставрев

Специјално за ,,Бабам Битола”

Меѓу постарите битолчани, од кои можеби денес некои нема живи се применуваше една интересна игра наречена ,,мрзата”. Таа се состоеше ако некој познат или друг човек да допре некого со рака и со тоа да му ја ,,предаде” мрзата. Некои велеа дека таквата ,,игра” најмногу ја практикуваше келнерот Лазо Марковски роден во 1919год. а починат во 1992год.

Тој како келнер во неколкуте реномирани битолски угостителски објекти, сакаше штом одеше да послужи некои од гостите, еден од нив да допре со рака и да му ја предаде ,,мрзата”. Така останатите гости што го гледаа тоа се кинеа од смеа од внимателниот допир на Лазо. Но, во една прилика некој влегувајќи во салата го допре најпрвин Лазо и набргу излезе од неа. Лазо бркајќи го меѓу присутните дозна дека заминал на железничка станица, заради што оставил се и со белата блуза се стрчал по гостинот, се до железничката станица за да му ја ,,врати” мрзата. Тоа предизвика уште поголем интерес меѓу битолчани. За ова пишуваше и Д.Д. Такец во рубриката ,,Времиња, настани, луѓе” во ,,Битолски весник”.

Кој беше келнерот Лазо наречен ,,Мрзата”. Роден во Битола иако крстен како Цветан по празникот Цветници домашните си го завикаа Лазо по празникот ,,Лазарева сабота”.

Кога две години како келнер работеше во ,,Скадарлија” во Белград се ожени со Оливера имаа три деца, до пензионирањето работи како келнер кој во две прилики бил повикуван во Охрид и Струмица да го опслужува и маршалот Тито, зашто бил еден од најавторитетните келнери во државата.

Лазо 16 години беше ангажиран во општинските угостителски објекти на Пелистер и е вброен во познатите битолчани кои како чесни и работливи домакини оставија траги во својата професионална и домакинска ангажираност, а и по другите ,,цаки” со кои се одликувааа и станаа незаборавни.