Убавината на битолчанки: Мит или вистина
Елизабета Мемца: Менаџер во ⋮IWConnect
Мит: Традиционална приказна, особено онаа која е поврзана со раната историја на луѓето и објаснува некој природен или социјален феномен, обично инволвира и надреални битија и настани.
Ако ја погледнеме дефиницијата погоре, убавината на Битолчанки е мит кој сеуште трае и се живее. Уште од старо време Битола била прочуена по убави жени, а и ден денес сме надреален феномен 🙂
Битолчанка можеш да ја забележиш од ” уџум”, не само по убавината тоа е засебно, туку по ставот, држењето на главата, гордоста и свесноста за својата сила и значење на овај свет.
Повеќе е тоа од само физичка убавина , битолската жена ја дефинираат културата, независноста, како и грижата за себе , а и запазување на најситни детали- дали чевлите и чантата одговараат, дали лакот за нокти е по последниот светски тренд и така натаму.
Таа традиција која се пренесува од генерација на генерација, е нешто што го има во воздухот на нашата Бабам Битола, нешто што се носи во душата и во спомените, како црвениот кармин на баба ми , без кој ја немав видено ни рано наутро.
Рената Гошевска: Специјалист за маркетинг настани – Оддел Маркетинг ⋮IWConnect
Жените се движечка сила, не само во Битола туку и во светот. Сведоци сме на сè поуспешни приказни на жени и на сè поголем број на жени кои се на водечки позиции. Кога сме кај Битолчанки тие се посебни во секоја смисла на зборот. Од градот на клавирите потекнуваат многу успешни и многу убави жени. Но за жал во последните десетина година голем дел од нив не се на широк сокак, туку некаде низ светот…. Имајќи го тоа во предвид за жал доколку сите не промениме нешто, во иднина можеби оваа голема вистина дека Битолчанки се убави ќе премине во мит.
Андријана Димитриевска: Специјалист за содржина – Оддел Маркетинг ⋮IWConnect
Живееме во време во кое доколку веруваш во својот потенцијал, поставуваш лични и професионални цели, предизвиците ги гледаш како можности и го вложуваш својот максимум, можеш да постигнеш сѐ без разлика на полот. Тоа е очигледно и во Битола, каде има сѐ повеќе жени лидери кои освен со своите способности пленат и со својата убавина. Дали убавината на битолчанки е мит или вистина? Па, би рекла дека е вистина иако голем број на битолчанки, ем паметни ем убави, го напуштаат градот. Горди, со цврст став, и харизма, битолчанките можеш да ги препознаеш од далеку.
Елена Огненовска: Консултант за маркетинг – Оддел Маркетинг ⋮IWConnect
Секогаш елегантна, женствена, дотерана, културна и најважно од сé своја, борбена и самоуверена. Би рекла дека ова е тоа што Битолчанки ги прави поразлични од другите. Ова се карактеристиките кои секоја Битолчанка ги има, ги носи во себе и истите ги пренесува со генерации. Секако дека убавината на Битолчанки е вистина! Кој бил во Битола тоа го знае, а кој не бил, нека дојде што поскоро да испие едно кафе на убавиот Широк Сокак и да се увери во убавината на “Битолското чупе”.