Битолско минато

Со ПЕТ(ар) во Пет(ок)

Специјално за Бабам Битола

Петар Ставрев секој петок

Многу личности со своите постигања, знаења и трудови придонесле за афирмацијата на Битола. Некои за секогаш заминале од неа, а други останале за да бидат запаметени во вечноста. Павел Шатев (1882-1951) македонски револуционер, гемиџија, нацинален деец, родољуб, државник и публицист, последните години од животот ги поминал во Битола и по смртта е погребан кај Светонеделските гробишта.

Роден во Кратово, тој имал бурен живот кој бил побликуван од многу автори и историчари. Сите тие не можеле да го избегнат неговото учество во групата гемиџии наречени „Солунски атентатори“,

кои во 1903 г. во Солун извршиле диверзија на францускиот брод „Гвадалкивир“,

за што бил осуден на смрт, а потоа казната му била заменета со доживотен затвор и испратен во областа Фезан, во Сахарската пустина во Либија. Во 1908 г. бил амнестиран и враќајќи се во Македонија ја донесол во вреќа главата на својот починат другар гемиџија. Револуционерната борба за Македонија ја продолжил зашто престојувал во Бугарија, Турција, Германија , Австрија, а често бил затворан и измачуван.

По Втората светска војна бил член на АСНОМ, потоа член на првата влада на Федерална Македонија и министер за правосудство. Како сојузен пратеник во Загреб 1949 г. бил уапсен, како потенцијален непријател и соработник на Советскиот сојуз, бил интерниран во домашен притвор во куќата

спроти некогашната Радио Битола. Починал осамен и разочаран, иако имал сопруга (Вера) и две ќерки (Милка и Нада). Имал објавено повеќе публицистички дела, а во разни затвори лежел 11г.