Почувствувајте ја есента во вашиот дом со овие вкусни мафини со печена тиква. Наполнете го вашиот дом со мирис на слатки, меки и вкусни ароми на цимет, ванила, тиква….овие неодоливи мафини брзо ќе ги снема од чинијата. Она што ми се допаѓа кај овој рецепт е неговата едноставност, не сакам комплицирани рецепти за кои е потребно многу време и прават хаос во кујната. Тука дури и не се користи миксер, а излегуаат околу 15 мафини.

Состојки:

2 поголеми парчиња пасирана печена тиква
2 јајца
½ чаша масло
50 мл млеко
1 ½ чаша брашно
¾ чаша кафеав шеќер
1 лажичка цимет
1 лажичка сода бикарбона
1 лажичка прашок за пециво
прстофат сол
1 ќесичка ванилин шеќер
малку зачин за медењаци (или мелено каранфилче, морско оревче (по избор))

Подготовка

Ставете ја испасираната печена тиква во сад, додадете ги јајцата, маслото, млекото и измешајте сè убаво со вилушка.
Додадете ги полека просеаното брашно, шеќерот, циметот, содата, прашокот за пециво, ванилиниот шеќер, солта и зачинот за медењаци (ако немате додадете малку мелено каранфилче или морско оревче по желба). Измешајте убаво да добиете компактна смеса.
Загрејте ја рерната на 250 Ц степени.
Земете ја тавата за мафини и намрсете ги дупките. Полнете ги дупките околу 2/3 користејќи лажица.

Ставете да се печат и намалете ја топлината на 180 Ц степени. Печете околу 20 минути. Проверете дали мафините се печени со чепкалка за заби.
По печењето, ако има уште малку смеса, повторете ја постапката. Ја користев истата тава, не ја ни чистев. Само што наполнив половина од дупките и истурив вода во останатите дупки за да не изгорат.
Тоа е тоа, јадете и уживајте во највкусните мафини.

Рецепт на Гордана Аџиева – Михајловска


www.macedoniancuisine.com