„Василичарскиот мазник најчесто го правиме во големи кружни тави или за секојдневното мени во плехови, каде корите од лесно полесно се редат една до друга. Како и да се одлучите, важно е дека рецептот е испробан и нема да имате проблем во подготовката.“ – додава Катерина, која може да ја следите на инстаграм @katerina.shambevska.
За филот пак, Катерина вели дека може да бирате по желба и дека секако ќе биде вкусно:„Филот секако дека може да го менувате, а бидејќи ние дома сме љубители на посните варијанти и баш зимски, избрав мазничето да биде подготвено со фил од освежителната кисела зелка која е едно од главните обележја на зимата ширум нашата земја. Во едно од нив, секако има паричка за најсреќниот. А за филот, како и да е, ако не ви стигне предвидената количина на зелка, или едноставно сакате да си направите со друг фил, предлагам да си направите со сирење, проверено ми е и во таа варијанта.“
Состојки:
За тесто:
- 1 кг брашно (по потреба може да ви треба уште малку)
- 1 лажичка сол
- 125-150 мл масло
- 500 мл млака вода за замесување.
За филовање и попрскување на кори:
- 1 поголема кисела зелка (по потреба може да варира количината)
- масло по потреба.
Подготовка:
- За подготовката на овие мазничиња, најпрво припремете ја киселата зелка. Прво оставете ја барем 3-4 часа во вода за да се отсоли, а потоа исцедете ја и ситно исечкајте ја. Додајте масло и запржете ја. Пржете ја додека омекне и водата испари, а потоа оставете ја да се излади. По потреба, оваа подготовка може да ја направите претходната вечер пред да месите. Со тоа киселата зелка е спремна за да биде фил.
- Во поголем сад за месење ставете ги брашното, солта, маслото и млаката вода за замесување.
- Замесете меко, но нелепливо тесто и поделете го на 9 дела.
- Од секој дел оформете топче, а потоа со помош на рацете направете подебела тркалезна кора. Формата не мора да биде потполно правилна, а големината може да е од прилика колку дланката.
- Така припремените кори ставете ги во претходно намрсени плехови или врз намрсена работна површина, премачкајте ги со масло и одозгора и задолжително покријте ги со најлонска фолија за да не фатат кора. Оставете ги 5-10 минути да одморат, па започнете со тегнење.
- За тоа време припремете ја масата. Постелете ја со постар чаршаф кој лесно се витка.
- Земете ја првата кора и започнете со тегнење. Прво растегнете ја со помош на горната страна на дланките, а потоа ставете ја на чаршафот и истегнете ја во голема тенка кора. Со помош на нож отстранете ги задебелувањата на краевите, а потоа попрскајте со масло и ставете од претходно припремениот фил од кисела зелка. Пред да ставате од филот, изберете која од подолгите страни ќе биде надворешна и при нанесувањето на филот, оставете „празни без фил“ околу 15 до 20 см од кората. Ова ќе ви помогне полесно да ја завиткате на крајот и да не излегува филот, ниту да „гори“ при печењето. На крај, прво со помош на рацете завртете го „филованиот долг раб“ за да почне да се оформува ролната, а потоа со помош на чаршафот довршете го виткањето. Од завитканата ролна направете го мазничето во форма на полжав.
- Постапката повторете ја со сите 9 кори, по редот на правење. Тоа значи дека ќе добиете 9 мазничиња, а остатоците кои ги сечевте од корите може да ги премесувате (од прилика краевите на 2 кори прават ново топче/кора) и исто така да ги искористите за подготовка на мазник. Мазничињата попрскајте ги со масло и печете ги во претходно загреана рерна на 230 степени за време од 25-30 минути, или додека добијат убава златно кафеава боја.
- Готовите печени мазничиња покријте ги со подебел слој на платнени крпи или чаршаф за да омекнат и оставете ги да се изладат. На здравје.
Препорaка од авторот:
Многумина мислат дека подготовката на мазник е напредно ниво со вештини во кујната. До некаде, може да се каже дека е точно, но со детално опишан рецепт како мојов, верувајте ќе успеете да направите и вие. Ве охрабрувам да ги пробате моите тегнети мазничиња! Или, за полесно направете една тепсија со повеќе кори и на здравје!
Ако го направите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.