Совршено крцкави и неизмерно вкусни! Пријатните емоции од сеќавањата на крцкањето и уживањето во дружбите, родендените, ме поттикнаа да научам да ги правам баш совршено, како мајка ми. Сите кои ги пробаа, се воодушевија. Топло ви ги препорачувам!

Спомени од детството! Мајка ми ни ги правеше од кога знам за себе, па сега со огромно задоволство ги правам јас. Одлично одат со пиво за мезење со друштвото, за крцкава забава на детски родендени и разни забави, супер се за на слави, за патувања, за секаде!

Состојки:

🔹1 коцка квасец
🔹250-300 мл млака вода
🔹150 мл. масло
🔹1 лажица ситна црвена пипер
🔹200 грама сусам
🔹20 грама ким
🔹2 лажички ситна сол
🔹1 кг брашно
За премачкување и одозгора:
🔹1 јајце
🔹крупна морска сол по потреба.

Подготовка:

1️⃣ Во сад ставете ги квасецот и млаката вода. Измешајте и оставете кратко да се соединат, па додајте го маслото.
2️⃣ Во друг поголем сад измешајте ги брашното, солта, ситната црвена пипер, кимот и сусамот.
3️⃣ Додајте ги течните состојки во садот со измешаните суви состојки.
4️⃣ Замесете убаво изедначено тесто и поделете го на 2 дела. Од секој дел, со помош на сукало направете тенка правоаголна кора.
5️⃣ Така истенчената кора исечете ја на хоризонтални ленти со ширина од 8-10 мм, а потоа пресечете на половина по должина.
6️⃣ Земете една лентичка, спојте и ги краевите, малку истегнете и спирално извртете ја. Веднаш ставајте ги во плехот за печење, кој може да е обложен со хартија или да е премачкан со масло. Постапката повторувајте ја додека завршите со сите ленти.
7️⃣ Рерната загрејте ја на 200 степени. Oформените вртени стапчиња со зачини премачкајте ги со матено јајце и поросете со крупна сол по ваш вкус. Печете ги на 200 степени за време од 7-10 минути, зависно од рерната.

Совети плус: за екстра резултат:

🔹Пред крајот посебно внимавајте да не ви изгорат и пазете ги.
🔹За да добиете стапчиња кои се прави, ставајте ги директно во плехот за печење откако ќе ги оформите.
🔹Ако сакате да направите поголема доза замрзнете ги. Проверено ми е, квалитетот не се менува.


Дали ти се допадна мојот предлог за грицки? 😊 Ако одговорот е ДА или имаш прашања околу подготовката, слободно пиши на моите профили и заследи ме на:

Инстаграм: https://www.instagram.com/katerina.shambevska/

Фејсбук: https://www.facebook.com/katerina.sambevska