Битолско минато

СО ПЕТ(АР) ВО ПЕТ(ОК)

Петар Ставрев

Специјално за ,,Бабам Битола”

Во битолското село Новаци има повеќе фамилии роднински поврзани една со друга со презиме Котевски, но брачната двојка Јордан – воденичар и Аца – домаќинка се меѓу најбројните, зашто тие имаа 9 сина и 3 ќерки.

Сите тие откако се оженија и омажија, формираа поголемо семејство, зашто според евиденцијата на Крсте Котевски – кројач, од сите браќа и сестри имаат 50 внуци и 80 правнуци, а можеби и повеќе.

Инаку Крсте уште од млади години се пресели во Битола и по изучувањето на кројачкиот занает, стана еден од попознатите мајстори во Чаршијата. Со задоволство зборува за повеќе познати мајстори, кои со својот занает и однос кон муштериите оставија свои траги во битолското минато.

Крсте ни ги наброи најпрвин своите браќа и сестри и тоа: Ѓорѓи, Гаврил, Томе, Димче, Благој, Митре, Пеце, Васко и сестрите Цвета, Милка и Роса. Од сета нивна фамилија некои се бојаџии, возачи, угостители и со разни други занимања, но имале и неколку фудбалери и ракометари кои играле во повеќе познати клубови. Синот на Крсте – Игор Котевски играше во неколку ракометни клубови во земјата, а беше и државен репрезентативец.

Игор Котевски во акција

Моментално е ангажиран во Металург во Скопје. Благој познат по прекарот – Бурето, исто така беше фудбалер и познат голгетер, синот на Митре, Тони и тој беше активен фудбалер, дури во еден период и член на Вардар кога негов тренер беше Ѓоко Хаџиевски, но меѓу фудбалерите е и Борче Јовановски – Бамбало кој е меѓу најпознатите фудбалери на Пелистер. Тој на Крсте му е внук од негова сестра, а исто фудбалер бил и Гаљо, кој настапувал за Борец од Бања Лука. Од оваа голема фамилија повеќето живеат овде, но ги има и во Австралија и Германија.

Фудбалерот Благој Бурето

Затоа ако се сретнете со некој од Котевци, не го распрашувајте многу за членовите на нивното големо семејство, зашто ќе му треба повеќе време, не само да ги набројува членовите, туку можеби и ќе заборави некое име од многубројните внуци и правнуци, зашто навистина нивната бројка е троцифрена.