Проектот SMART-CUL-TOUR кој што се спроведува во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија – Албанија 2014-2020, е проект кој се реализира во партнерство помеѓу:

1. Општина Битола,

2. Општина Пустец, Р. Албанија

3. НУ „Завод и музеј“ – Битола, Македонија

4. Регионален директорат за културно – Корча, Р. Албанија и

5. Младински културен центар – Битола, Р. Македонија.

Вкупниот буџет на проектот кој се спроведува во рок од 24 месеци, изнесува 704,590 Евра, од кои 85% се ко-финансирани од страна на Европската Унија, додека останатите 15% ги обезбедува Владата преку Министерството за локална самоуправа. Активноста која ги опфаќа адаптацијата и подобрувањето на археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис е со вкупен буџет од 132,000,67 евра и истата ќе доведе до значително унапредување на состојбата на Хераклеа, подобрување на условите за посета, како и збогатување на туристичката понуда воопшто.

Покрај инфраструктурните зафати кои се однесуваат на поплочување на пешачката патека од влезот на локалитетот па сѐ до Театарот, изработка на соодветни практикабли за поставување на нова сцена во него, потоа зафати врз видиковецот, поставување на соларни светилки долж целата пешачка патека, ќе бидат превземени и други активности. Ќе биде поставен лифт за лица со посебни потреби, па за прв пат на оваа категорија на посетители ќе им се овозможи пристап до Театарот,каде се одржуваат голем број на културни настани, но и до Видиковецот, од каде имаат преглед врз целиот локалитет. За збогатување на комплетната туристичка понуда, ќе се изврши и осовременување на музејот и поставување на нова музејска поставка во која ќе бидат изложени поголем број на предмети, откриени при археолошките ископувања во Хераклеа, а кои посетителите досега немале можност, Единиците за контрола на влез, кои ќе бидат поставени во рамките на самиот локалитет, ќе овозможат побрзо и побезбедно движење на посетителите при влезот, но и ќе овозможат подобра евиденција на видот и категоријата на посетители, податоци кои се исклучително важни за креирање на самата политика на работа на локалитетот.

Кон подобрувањето на услугата значајно ќе придонесе и изработката на соодветен аудио водич кој што посетителите ќе може да го превземат од интернет, преку користење на нашата бесплата wi-fi услуга. Овој аудио водич ќе биде изготвен на 7 јазици, и истиот ќе овозможи поголема независност на посетителите и нивна подобра информираност, во зависност од нивните афинитети. Оваа проектна активност ќе биде оплеменета и сo осовременета сувенирница, во која ќе понудиме поголем и поразновиден асортиман на музејски сувенири.За оние посетители, кои сакаат да видат и доживеат нешто ново и поинакво, а особено за помладите посетители кои на некој начин се нераскинливо врзани со новите технолошки достигнувања, во соработка со Општина Битола, на неколку точки од локалитетот ќе биде поставена соодветна опрема за таканаречената “augmented reality”, но и за виртуелна реалност, која ќе даде еден позасилен и пореалистичен приказ на локалитетот во одреден временски период.

За подобрување на општиот впечаток на локалитетот, Општина Битола, во рамките на своите проектни активности, предвиде и реконструкција на таканаречениот Римски пат, кој води до самиот локалитет, а кој ќе биде дополнително уреден со соодветно улично осветлување со помош на соларни панели. Комплетните активности поврзани со промотивните сегменти на проектот се во рамките на активностите кои ги спроведува Младинскиот културен центар од Битола.

Повеќегодишното партнерството помеѓу сите учесници во овој проект ќе се засили и преку заедничките средби и работилници на стручните лица од НУ „Завод и Музеј“ – Битола и Регионалниот директорат за култура од Корча, кои ќе ги разменат своите искуства од доменот на заштитата и непосредната заштита на културното наследство.Општина Пустец во рамките на своите проектни активности ќе ја реновира, старата зграда на училиштето во с. Глобочани, во кое се школувал еден од најпознатите македонски и албански писатели од втората половина на XX век, Стерјо Спасе. Регионалниот директорат за култура од Корча ќе се погрижи за комплетниот дизајн и опремување на музејската поставка која ќе биде сместена во самото училиште, кое на овој начин ќе добие повеќезначна функција.Се надеваме дека овој проект и ова изградено партнерство помеѓу партнерите и учесници, ќе прерасне во една долгогодишна соработка, која ќе вроди уште многу плодови, и ќе допринесе кон реализација и на други проекти.