Седнат,
на клупата под Саатот
ги слушам камбаните
на црквата,
ги слушам
водите како шумат,
водите
во Драгор,
ги слушам
водите во фонтаната,
ги слушам
како да се
музика од чалгии
за една песна
старинска и мила,
песна
што срце ми пара:
Битола, мој роден крај…
И пајтон еден
во присон
крај мене мине,
пајтонот на Манди
празен без луѓе
а полн тага,
ајде, вика коњот,
во златен амут
со сребрена узда,
ајде, вика и ржи,
во Солуна,
во Стамбола
ќе те носам,
по меани
на рујно вино,
ем ракија…
Стар, сум, ату, стар,
шепотам и плачам,
отпочин
до вечен почин
тука,
во Битола моја
до мој народец барам,
остави ме мене,
доријо,
остави ме мене
поет и сонувач,
камбани стари
нек ми ѕвонат,
нек ми пеат:
за Стамбола,
за Солуна,
нит за Париз,
нит за Њујорк,
Битола моја не давам!

4 август 2017. Панде Манојлов