Муралите повторно стануваат дел од битолските градски средини. Сега за разлика од порано, новото време си носи сликање на модерни мотиви. Но што е со баш тие, некогашните и први мурални обележја?
Според познавачите на оваа ликовна уметност, која исклучиво се презентира на ѕид, почетоците се врзуваат со настан од пред 40 години кога, во тоа време, во чест на 75-годишнината од Илинденското востание, во Битола беше изработен првиот мурал. Станува збор за идејното решение кое го подготви ликовниот педагог Коста Хаџиантоновски, тогаш наставник во ОУ „Кирил и Методиј“-Битола и раководител на ликовната секција во општинското училиште.
Првиот битолски мурал
Од тогаш до денес, муралите во Битола импресионираат со пораките што ги испраќаат, но за жал често не се на видик на окото на туристите, вели Хаџиантоновски, кој лично координирал изработка на повеќе мурали во Битола, но и во Ресен и во Кичево.
-За изработка на мурал треба да се има добро идејно решение, а кога ќе се надмине таа фаза тогаш потребна е подготовка за изработка на муралот. Се сеќавам како денес да беше… Во сега веќе далечната 1978 година, општината ја прифати идејата за изработка на мурал на фасадата од куќа која е во центарот на градот, на Широк Сокак.
Илинденско востание како тематика на првиот битолски мурал одолева на забот на времето
Тогаш во градот се одржуваше традиционалниот републички натпревар „Курирче“, а истовремено се одбележуваа разни настани и случувања, но и јубилејот „75 години – Илинденско востание“. Веднаш се фативме за работа, добивме поддршка од градежното претпријатие „Пелистер“-Битола, нивните работници го поставија скелето, а ние извршивме препарација на ѕидот, го подготвивме за цртање и го направивме муралот на кој доминираат илинденци, како и учесници во народнослободителната борба. Овој мурал се уште одолева на забот на времето, вели Хаџиантоновски.*
Муралите истата судбина ја делат со нашиот град. Не дека друго е баш сјајно, но не треба многу за истите тие да заблистаат и да бидат дел од нашиот битолски градски декор. Тука мораме да ја истакниме и нашата совесност која и баш не е на ниво кое што треба да биде, зошто дел од нас и сами си ги уништуваме. Типично битолски…
*Извор ТУКА