Апсолутно прекрасно! Ова е еден од најкремастите и превкусни намази од зеленчук кои ги подготвувам. Баба гануш може да послужите со тенок леб, како што тоа традиционално се прави во арапскиот свет или пак да го намачкате на лепче за појадок. Или, може да го замезите со грицки или некој крцкав зеленчук, сеедно, баба гануш е најдоброто нешто подготвено од модри патлиџани!
Сезоната е токму сега, а јас инспирирана од арапското чинивче кое го донесов од посетата на Дубаи, со љубов ви приготвив и низ фотографии ви раскажувам за убавите спомени од патувањето и дегустацијата на ова и други интересни јадења. Се надевам ќе уживате во презентацијата, а ако наскоро го подготвите рецептот или имате прашања, пишете ми на моите профили:

Инстаграм Катерина Шамбевска

Фејсбук Катерина Шамбевска

Состојки:

🔹2 средно големи модри патлиџани (околу 900 грама)
🔹1/4 чаша (60 мл) таан
🔹1/4 чаша (60 мл) свежо цеден сок од лимон
🔹3-4 чешниња лук, ситно сечкан
🔹1/4 лажиче мелен ким
🔹1/4 лажица крупна морска сол од Vitaminka по вкус
🔹2 лажици сечкан магдонос
🔹2-3 лажици екстра маслиново масло

Подготовка:

1️⃣Рерната загрејте ја на 250 степени.

2️⃣Модрите патлиџани измијте ги, избришете ги, а потоа избоцкајте ги со виљушка на 7-8 места, за подобро да се печат.

3️⃣Печете ги по 2 минути на најсилна температура, од секоја страна, тоа ќе им даде посебно добар вкус, а потоа намалете ја рерната на 180 и печете ги уште 25-30 минути без вртење.

4️⃣10-15 минути откако се испекле, излупете ги и испасирајте ги со виљушка или алатка за тоа. Ако има вишок течност, ова е моментот да ја отстраните.

5️⃣Потоа во садот додајте ги и таанот, лимоновиот сок, ситно сечканите лук и магдонос, мелениот ким и солта, и на крај, екстра девственото маслиново масло.

6️⃣Убаво измешајте, а ако сакате да е мазно како намаз или сос, искористете и блендер.

7️⃣Вака приготвен баба гануш може да се чува во затворен сад во фрижидер до 5 дена, а за сервирање топла препорака да користите магдонос и маслиновото масло. На здравје!

Совети плус:

🔹Баба гануш е највкусен во устата ако оставите малку текстура при пасирањето или блендирањето.
🔹Ако блендирате, ќе биде многу мазен, како паштета.
🔹Вкусот е уште подобар откако ќе отстои, па може да го подготвите и еден ден порано, пред да го јадете, само чувајте го во фрижидер.