По повод Денот на хрватскиот Парламент, во Битола во Центарот за култура беше изведена премиерата на претставата „Беспомошни суштества“, на Сатиричниот младински театар од Славонски Брод, Хрватска.
Гостувањето на овој театар беше во организација на МХД.Хрватски културен центар Марко Марулиќ, Битола, во соработка со општина Битола и Центарот за култура.
Претставата е базирана на драмите на Антон Павлович Чехов, драматизирана од големиот американски драматург Нил Симон, а во режија на Силвио Стилиновиќ.
Програмата на Хрватскиот културен центар е направена да ја поттикне меѓународната јавност да се запознае со хрватското културно наследство, хрватскиот јазичен идентитет.
Културните посети и соработки траат повеќе години, односно над 25 години организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција.
„ Ги поздравувам сите присутни и гости на оваа манифестација, ден кога се одбележува еден датум значаен за хрватската историја. Ден кога хрватскиот Парламент донесе одлука во 1991 година да се одвои од бивша Југославија и да се започне процесот на самостојна република Хрватска и ден кога е конституиран првиот демократски повеќе партиски Парламент на Хрватска. Им го честитам денот на сите Хрвати„, изјави др.Бранко Маретиќ, претседател на МХД.Хрватски културен центар Марко Марулиќ.
Во претставата играа: Тања Медиќ Савиќ, Аленка Владисављевиќ, Силвио Стилиновиќ, Зрино Гусак, Матеј Сафундџиќ( како гостин од професионалниот театар Славонски Бродвеј), Морено Мијатовиќ, Антонио Јуричиќ.
-„ Мене ми е посебна честа што соработката со господинот Маретиќ и Хрватскиот културен центар, се продолжува. Неколку пати годишно во Центарот за култура ни гостуваат различни претстави, концерти, уметници и слично во организација на Хрватскиот културен центар.
Оваа година одбележувањето на оваа манифестација се поклопи со одбележувањето на нашиот роденден, 41 година постоење на Центар за култура Битола„, изјави директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски .
Режисер на претставата е Силвио Стлиновиќ, асистент на режија Саша Кариќ, костимографија Таја Балаш.
„Сакавме да и ја покажеме на битолската публика, која и тоа како е театарска публика, нашата школа за глума, односно нашиот театар во кој членуваат и професионални актери. А од друга страна, театарот е совршено место за поврзување на луѓето. Ние сме патувачки театар, сакаме да патуваме, посебно сакаме кога доаѓаме во Битола, каде доаѓаме по втор пат со претстава.„ изјави режисерот Стилиновиќ и додаде „ Сакам да им се заблагодарам на нашите домаќини Хрватскиот културен центар и пред се господинот Маретиќ, на поканата до гостуваме во Битола„.
Инаку, овој театар постои од 2006 година, добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа. Како што велат самите актери- за нас наградите се доказ дека сме на вистинскиот пат за она што го работиме.
Оваа година Хрватскиот културен центар беше организатор на неколку значајни манифестации и тоа:
Одбележување на Денот на победата и Денот на хрватските бранители, со изложбата „ Хрватско културно наследство во 3Д„, за која зборуваа Бранка Безиќ Филиповиќ од Сплит и авторот на изложбата Недељко Тишлер.
Беше презентиран и документарец „Културниот и јазичниот идентитет на хрватските Тв серии и фестивали во периодот на 60-тите и почетокот на 70 тите години на минатиот век„, на која тема професорот од Сплитскиот Универзитет, Јосип Ласиќ, одржа предавање.
Одбележување на Денот на хрватската државност, на која македонскиот писател и академик Зоран Пејковски ја промовираше книгата „ Хрватските театарски актери и режисери кои работеа во Македонија од 1913 до 1941„.
Концерт одржа женскиот вокален состав Тамарин, од Солин, Хрватска, а здружението Солињани ја презентираа далматинската култура и традиција.
Неда Маретиќ
ПР на Хрватски културен центар Битола