Битолско минато

Со Пет(ар) во Пет(ок)

Петар Ставрев специјално за Бабам Битола


Ценко Ивановски (72 г.) автомеханичар со потекло од с. Лопатица цели 36 години со џип а во зима и со ратрак се искачуваше на врвот Пелистер (2601 м.) носејќи и враќајќи ги вработените чии работни места беа кај антенските радио и тв постројки. Започна во 1982 г. се до 2015 г. а потоа продолжи уште три години кога на негово место се ангажира Кире Најдовски-Тинтаро. За овој период освен во еден или два случаи не изостана од редовната смена благодарение на одличното познавање на теренот и внимателното возење.

-Започнав со еден мал ратрак од шведско производство со германски мотор, кој немаше “нож” за туркање на снегот затоа често го расчистувавме со лопати. Започнав кога таму беа ангажирани Асен Даскалов како шеф и инструктор, потоа Драган Барабановски, Ицо Попов, Ристо Атанасовски-Беличо, Борис Квачковски, а потоа уште петнаесеттина други-вели Ивановски.

Смените на Антената се одвиваа по една недела со по три недели одмор. Во летно време дежурните се искачуваа со џип а во зимно исклучиво со ратрак. Ценко промени три ратраци но со секој од нив имал потешкотии во искачувањето заради снежните намети и силните ветрови. Во 1994 г. кај антенскиот столб каде најпрвин беа поставени постројките на МТВ-предаватели и врски, а сега на Македонската радио дифузија се вработи и неговиот син Васко.

Ценко со синот Васко

Ценко е полн со спомени најпрвин за потановката на постројките, за кои беа ангажирани дури волови од Струга, а потоа за тешките услови во зимскиот период, но секогаш со успех ги извршувал задачите техничарите и домарите да бидат на своите работни места за кои се смета дека се ангажирани на највисоката точка во државата.