Жамила Коломонос е родена на 19 јуни 1922 година во еврејско семејство со татко Исак (р.1893-1943г.) и мајка Естерина(р.1895-1941 г.) во Битола.

Имала две сестри Бела, Рашела и два браќа Калеф, Менахем кои сите биле депортирани во Треблинка.

Жамила дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје. Како член на СКОЈ и првоборец од април 1941 година била истакнат организатор на еврејската младина во НОД.

Жамила Коломонос Садикарио

Била примена за член на КПЈ од април 1942 и наскоро преминала во илегалство. Од април 1943 станала борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев“.

Жамила Коломонос со Партизанскиот одред Гоце Делчев (на средина долу)

Била заменик политички комесар во Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада и заменик политички комесар на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ, секретар на баталјонски, бригаден и дивизиски комитет на КПМ. Подоцна била избрана за член на Окружниот комитет на КПМ во Битола и член на ПК на СКОЈ за Македонија од декември 1944.

Партизанката Жамила Коломонос, со соборците за ослободувањето на Охрид и Струга (до неа Чеде)

По војната се врати во Битола и откри дека целото нејзино семејство е депортирано и убиено во Треблинка. Во нејзините мемоари таа раскажува дека во Битола живееле многу добро, нејзиниот татко Исак бил еден од последните директори на Француско- Српската Банка (таму поседувале и една просторија на катот, која што бил наменета за Директорот) сегашна Битолска банка накарши Саат Кулата.

Исак Коломонос

Бидејќи битолската Еврејска заедница беше целосно уништена и градот ги потсетуваше на очај и тага, неколкуте преживеани Еврејски фамилии (околу 9) еден дел од партизани, мал дел од Треблинка и Аушвиц, некои од заробеништво во Бугарија, други сокриени од албански фамилии на Албанија и Косово, започнуваат да живеат во Скопје.

Фамилија Колономос

На Балканот, по традиција, од оваа фамилија имало рабини, математичари и банкари, кои се доселиле во Солун, Атина, Јанина и Битола, како што е Исак Колономос. Холокаустот ја уништи речиси целата фамилија. Некои се отселија пред војната во Франција и во САД, а овде преживеа само Жамила Колономос, благодарение на тоа што се придружи кон партизанскиот отпор спрема нацизмот. Таа беше посветена и целосно на борбата против нацизмот, но и на сеќавањата на Евреите и јазикот ’ладино’ (старо-шпански или еврејско-шпански јазик н.з.).

Нивната фамилијарна куќа се наоѓаше во близина на плоштадот Магнолија која Жамила ја продава на битолска фамилија (сегашна банка Прокредит), додека другите еврејски куќи што и припаднаа во нејзина сопственост, куќата на Асео и Мендоза, истите ги подари назад на државата во Народни имоти.

Куќата во нејзината првобитна состојба значајно се разликувала од сегашната состојба, била во жолта боја и на еден спрат. Нејзиниот автентичен изглед дел го задржува и е пренесен на другите два ката.

Народниот херој и нејзин соборец Чеде Филиповски Даме (р. 1923г.) бил нејзин прв сопруг кој за жал на 29 јуни 1945 година со неговиот мотор доживеа сообраќајна несреќа што му се случи кај Радовиш, возејќи мотор од Штип кон Струмица загина под неразјаснети околности.

Жамила и Чеде

Со него имала едно дете Мира Филиповска(р. 1945г.) која беше многу добро прифатена како ќерка со нејзиниот втор сопруг
битолскиот евреин Аврам Садикарио (1919-2007г.) со кого во 1947 г. стапуваат во брак и имаат син Самуел Садикарио(р. 1950г.) со место на живеење во Скопје.

„Сестра ми на 27 јули 1963 година требаше да наполни 18 години. Бевме многу блиски и, за разлика од мене, таа многу сакаше да биде Еврејка. Нејзиното загинување беше уште еден тежок удар за нас. Особено за мајка ми. Трпението на оној што го изгубил најсаканото е посилно и од најголемиот хероизам!“ Самуел Садикарио (р. 1950г.) со Мира.

Мира на 18г. загина во земјотресот Јули 1963 г., додека Жамила и Аврам биле извлечени живи од под урнатините благодарение на словенски војници. Самуел бил на одмор во Охрид, каде била и Мира, но кобниот ден се вратила во Скопје со цел да го прослави нејзиниот 18-ти роденден со пријатели од Англија.

Жамила Коломонос десно

По Ослободувањето Жамила била функционер на АФЖ на Македонија, секретар на Окружниот народен одбор во Тетово, кандидат за член на ЦК на КПМ каде била избрана на Првиот конгрес на КПМ и член на ЦК на КПМ избирана на Вториот, Третиот и Четвртиот конгрес на ЦК на КПМ/СКМ, началник на Персоналното одделение во Владата на НРМ, член на Агитпроп на ЦК на КПМ, член на Кадровската комисија на ЦК на КПМ, републички пратеник во Собранието на СРМ во повеќе свикувања, претседател на Сојузот на женските друштва на Македонија,

Нада Антевска со Жамила Колономос

претседател на Републичкиот совет на друштвата за заштита и воспитување на децата и активист на подоцнешниот Советот за грижи и воспитување на децата на Македонија. Избрана за професор емеритус на Катедрата за романска филологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1962 година. Носител е на Партизанска споменица 1941 и Орден на братството и единството со златен венец.

Медали и признанија на Жамила Коломонос, дел од поставка во САД

Доживеа длабока старост и починала во Скопје на 18 јуни 2013 година.

Автор е на многубројни прилози и книги сеќавања и документи за минатото на Евреите во Македонија, посебно во Втората светска војна и НОБ, за јудеошпанскиот јазик и книжевност т.е. јазикот и книжевноста на Сефардите и др.

Жамила и Аврам Садикарио

Што е за нас необично и би сакале да резимираме на крајот… Голем дел од над 3000 депортирани битолски Евреи имале можност да се спасат и годините претходно да заминат во САД, Израел, некои заминале и за чудо се вратиле, останале тука да се грижат за нашиот град, да творат и да придонесуваат за неговиот развиток кој во неговите најдобри времиња пред Балканските и Првата светска војна имал над 11.000 Евреи.

Љубовта кон Битола и ден денес трае, сеуште голем дел од нивните потомци повторно го посетуваат нашиот град, негувајќи ги тажните спомени застанати во еден период кој сакаме да не се повтори повеќе и да го заборавиме.

За нив истражувам и во нивна чест го пишувам сето ова.

Зоран Ѓоргиев, Битола 2021г.


Користени материјали Значајни личности на Битола, Википедија, сеќавања на постари битолчани, gmic.co.uk, geni.com, suteren.mk, ushmm.org, раскажувања за Битолските Евреи на YouTube.