Битола за време на Отоманската империја беше голем и силен трговски центар, познат град на конзулите со околу дваесет конзулати од разни европски земји. Во истиот период, градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк. На крајот на XIX век бил толку силен град, што неговото население непрестајно растело и го надминало бројот на населението на Белград. Градот бил преполн со фабрики и фотографски дуќани, а занимливо е и тоа што покрај Сингер, во Битола уште во тоа време постоеле фабрики за слатки, за пиво, за коњак и друго. Турците, Власите, Евреите и Македонците заедно допринесувале за нејзиниот развој и напредок кој после Балканските, Првата и Втората светска војна од центар на сите збиднувања станува пограничен град отсечен од сѐ и сешто.
Голем придонес за неговото славно минато дадоа неколку богати еврејски семејства кои беа стационирани во нашиот град, претежно на Широк Сокак и позади Уредот (на чие место беше нивната најубава синагога- храм Арагон).

Еден од нив беше Aсео Израел, роден 1896 г. во Солун, еден од водечките трговци во Битола. Имаше голем бизнис за продажба на автомобили и делови за автомобили. Тој беше првиот и ексклузивен продавач во Битола за луксузни и товарни возила.

Возило Rugby, фото Википедија

Застапник и сопственик на првата бензиска пумпа Шел во Битола која беше лоцирана во близина на неговата куќа на плоштадот Магнолија.

Некогашниот дом на фам. Асео

Асео И. Жули р. 1912 г. била негова жена. Имале една ќерка Рашела, родена 1932 г.
После војната куќата ја купува или добива учесникот и борец во НОБ Гавро Пановски, кој пронаоѓа неколку стотини гуми за возила во нејзината внатрешност и од нивната продажба заработува повеќе од сумата која ја исплатил за куќата. Пановски почина во 2014 г. а куќата е продадена од нивната фамилија и сега се приватни апартмани Викторија.

Фамилијата Асео е еврејска фамилија која на целиот Балкан за време на двете светски војни ја држеше водечката позиција за продажба на луксузни автомобили и делови за нив и тоа во Солун, Битола, Белград. Некои од нивната Асео фамилија се познати трговски патници околу кои и се поврзани многу љубовни приказни од кои некоја заврши и со несреќен крај како што пишуваа тогашните весници.

Некој од нив успеа да се спаси од депортација, еден член кој бил на медицински студии во Бугарија, за кој Аврам Садикарио во неговите мемоари опишува дека за две недели му побелела цела коса бидејќи бил во бугарски затвор и чекал да ги депортираат, но тоа не се случи бидејќи војната била при крајот и ги ослободија.

Асео Н. на крајот десно заедно со Аврам Садикарио / фото Фонд на Холокаустот

Како и на повеќето наши еврејски сограѓани и нивниот живот завршува во злогласниот концентрационен логор Треблинка. Некои од нив кои успеале да се спасат, при враќањето во Битола не ја препознале бидејќи голем дел од нивните фамилии и најмили повеќе ги немаше тука, а сето тоа ги потсетувало на цела голгота. Дел од нив заминале за Скопје, а повеќето во Израел. Нивните деца и наследници сеуште ја посетуваат Битола, за нив Монастир, и го негуваат минатото прераскажувајќи за нивните убави времиња поминати во нашиот град. Затоа ние ќе продолжиме заедно со нив да оставиме мала трага од времето на тогашната конзулска и европска Битола.

Зоран Ѓоргиев


Благодарност до Државен Архив-Одделение Битола