Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со 2/3 гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува Претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, Претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.
Мандатот на Претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.
Во Македонија досега не е употребен овој член од Уставот за прогласување на вонредна состојба.
Со прогласување на вонредна состојба Претседателот може да суспендира одредени вообичаени функции на владата, може да се предупредат граѓаните да го сменат своето вообичаено однесување, или може да се овластат владини агенции да спроведат планови за подготвеност за опасност, како и да се ограничат или укинат граѓанските слободи и човекови права. Кратко кажано, Претседателот како врховен командат ќе може да суспендира дел од владините функции и повеќе надлежности да пренесе на себе.
Одлуката на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и Претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.
Законот и овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.
Како ќе се постапува во вонредна состојба ќе зависи од однесувањето на граѓаните во кои спаѓаме и ние битолчани.
Како пример Ви ги претставуваме мерките во Р. Србија каде утре од 10 ч. се забранува излегување на лица постари од 65 години.
За пензионерите во Србија ќе бидат отворени продавниците и супермаркетите во недела наутро од 4 до 7 под посебни правила, каде сите мораат да стават маски и ќе има раздалеченост меѓу нив. Додека за сите лица од 20 часот навечер до 5 изутрина има забрана за движење.
Во соседната држава Косово имаат медицинска и полициска контрола врз сите граѓани кои доаѓаат од Зона на епидемија и тие веднаш се испраќани во групен карантин. Мерка која дава голем ефект и е потребна и за кај нас бидејќи голема е недисциплинираноста на нашите граѓани кои секојдневно ги прекршуваат мерките и не ја почитуваат самоизолацијата.
Како ќе биде кај нас и дали ќе бидат предложени исти или слични мерки останува да видиме.
Дотогаш драги битолчани и битолчанки седете дома и пратете ги препораките од надлежните органи и институции.
(Фото П. Ставрев 16.03.2020)