Битолско минато
Со ПЕТ(АР) во ПЕТ(ОК)
Петар Ставрев
Специјално за ,,Бабам Битола”
Изминаа неколку години откако поетот Светозар Тасевски не е меѓу нас, но неговите поетски трепети, проткаени со лирски пејзажни мотиви засекогаш се врежија во бесмртните љубители на литературното творештво.
Роден во струшкото село Ташмаруниште, доаѓајќи во Битола и формирајќи семејство со син и ќерка, тој набргу беше забележан меѓу овдешните љубители на литературниот збор. Веднаш стана член на литературниот клуб ,,Стале Попов”, но копнеејќи за струшкото езерско синило, во битолското поднебје како да се инспирира да ја искаже својата љубов кон луѓето што го опкружуваа и природата со сета нејзина раскош и убавина.
Започна да пишува песни во акростих, што е посебна тешкотија за искажување на своите интимни пориви. Негувајќи ја љубовта кон природата, започна да собира и лековити билки од кои средства објави дваесетина книги, добивајќи ја за нив општинската награда ,,4 ноември” за литература.
Писателот Науме Радичевски за него покрај другото, напиша дека скромно и ненаметливо тој повеќе од три децении го создаваше својот книжевен опус, својот творечки литературен летопис. Мене ме инспирира во весникот ,,Вечер” да го објавам написот со наслов ,,Од лековити билки – 19 поетски збирки” во кој на почетокот пишувам дека за битолчани е Тозо, за жителите од главната улица Широк Сокак каде живееше – Свето, а за жителите од Ташмаруниште – Светозар Тасевски.
Тој пак создаваше песни за Максим Горки, за Анте Поповски и редица битолчани што ја препознаваа неговата љубов кон природата. Се искачуваше на многу македонски планини, но не беше планинар, зашто во душата му беше љубовта кон пишаниот збор. Неговите орнаменти, хоризонти, поетски плетенки, засекогаш ќе останат во сеќавање на сите оние што го познаваа како голем љубител на поезијата. Затоа и ова скромно сеќавање на него нека биде омаж за постоењето на литературните творци во битолското минато.