Многупати досега, квадрициклите ги споменувавме како одлични возила за релаксација, уживање, и работа, но ненамерно сме пропуштиле да ја споменеме нивната племенита улога. Можеби требаше да се истакнат на дело, па потоа да раскажуваме како еднeн ATV-моторцикл може да има и улога на спасувач и на најтешко достапните терени, онакви какви што се и во нашето окружување.

Имено, за потребите на компанијата Mountain Solution, компанија која дава услуги од областа на планинарски водичи, како и спасувачки услуги низ планините на Република Македонија, со акцент на Националниот парк Пелистер, СИНПЕКС неодамна испорача квадрицикл кој треба да послужи како помошно возило, за справување со лошите терени и најбрзо пристигнување до тешко достапните места, токму при водство и спасување на планината. Се работи за најсилниот квад во понудата на реномираниот производител TGB HQ – Taiwan Golden Bee, поточно моделот BALDE 1000, со мотор од дури 84 коњски сили, погон на сите тркала и независна суспензија

Ни ние, но веруваме ни Петар Нолев – сопственикот на компанијата и раководител на тимот за брз одговор при спасување на планина при ДЗС, не очекуваше дека веднаш по набавката, ова возило ќе учествува не во едно, туку во две спасувања едноподруго.

Минатата недела, Националниот парк Пелистер беше домаќин на голем OUTDOOR фестивал каде учество зедоа околу 200 учесници од секаде. Покрај сите убавини кои ни ги нуди, планината знае да биде и сурова, па на ваквите настани и најмалото невнимание или недостаток на искуство кај учесниците, можат да предизвикаат немили последици. Токму овде, ова ATV ја имаше првата спасувачка мисија.

Но неколку дена потоа, и посетата на планината, за еден битолски велосипедист, можеше да заврши фатално. Во месноста „Широка“, близу антената на врвот Пелистер, возејќи по стрмна патека, овој велосипедист се повредил и паднал во бессознание. Тимот за спасување при ДЗС веднаш реагирал и благодарение на ова возило, кое иако е приватна инвестиција на раководителот на тимот, тој и спасувачите експресно пристигнале до повредениот и со истиот е постапено на најсоодветен можен начин.

Среќни сме што и двете спасувачки мисии имаат среќен крај, а уште посреќни сме што планината Баба и Националниот парк Пелистер, се сега побезбедно место за сите посетители-рекреативци, вљубеници во природата, благодарение на овој квад-инвестиција на Mountain Solution.

Синпекс Битола & Mountain Solution