Пред неколку недели имавме пренесено еден текст од весникот „Занаетчија” каде битолскиот новинар и хроничар Петар Ставрев пишуваше за постоењето на Текстилната фабрика од с.Магарево на Стерјо Пикуле.Од тој текст сега Ви го пренесуваме неговото продолжение по барање на битолската јавност и битолските угледни фамилии кои се стационирани во Белград.Фабриката по завршување на Втората светска војна му била конфискувана, а со дел од нејзините машини започна со работа текстилниот гигант „Тетекс”. Дел за објавениот материјал ни изнесе внукот на Пикуле од ќерката Роксани Предраг Васиќ, кој живее во Белград, а работи како судија на Апелациониот суд, но користевме и објавени материјали за работата на текстилната индустрија во Македонија. Bо текстот објавивме дека претпријатието на Стерјо Пикуле за производство на шајак, текстил и клашни било формирано во 1890г. потоа за време на Балканските војни и Првата светска војна прекинало со работа но, по обновувањето во 1924г. произведувало текстилни ткаенини кои се продавале низ просторите на поранешната Кралевина Југославија и некои други земји.

Интересирајќи се и натаму за фабриката на Пикуле, неговата фамилија и нивната натамошна судбина Предраг Васиќ, со кого се сретнавме во Битола, ни кажа дека на сопругата на Пикуле Маријанти била од трговска влашка фамилија, а нејзиниот брат д-р Јорго Ефтимиу студирал на Сорбона, а потоа работел во Цирих и Женева. Стерјо Пикуле извесно време престојувал во Англија, а во бракот со Маријанти имал 3 ќерки, од кои едната Олга загинала на трагичен начин, а Предраг е син на Роксани додека неговиот прв братучед Чедо, кој исто така живее во Белград бил син на третата ќерка на Стерјо Атина, која се омажила за Франко Челебон, кој ја избегна депортацијата на евреите од Треблинка во Битола, преку бегство во Албанија, а по завршувањето на Втората светска војна извесно време со фамилијата живел во Израел, а потоа сопругата со синот се вратиле во Белград.

Пред книжарата Култура на Широк Сокак, Стерјо Пикуле со ќерките Роксана десно и Олга лево

Куќата на Челебон била една од поубавите во Битола и се наоѓа пред некогашниот Пионерски дом, скоро спроти Работничкиот универзитет, пред сегашната пошта. Предраг Васиќ е мошне горд на своето минато и предците за кои има голем пиетет и респект, зборувајќи секогаш со радост за своето
потекло и потомците кои некогаш беа мегу видните битолчани. Тој ни достави и повеќе пишани записи и документи за неговата фамилија но, ние се интересиравме и конкретни искажувања да дознаеме од некои повозрасни битолчани, кои се сеќаваат на битолското минато, а во тој склоп и на Стерјо Пикуле, неговата фамилија и фабриката во с.Магарево.

Стерјо Пикуле со ќерката Олга во Магарево на Пајтон

Така дознавме дека од нејзините квалитетни штофови за изработка на костуми набавувал и Лазар Колишевски, претседател на Македонија и извесно време прв претседател на Југославија по смртта на Јосип Броз Тито во 1980г.Нико Поп Никола (93 год) има издадено книга за постоењето на власите и нивната култура, а беше и претседател на Светскиот конгрес на власите, ни кажа дека Стерјо Пикуле бил мошне способен човек со истенчен слух за бизнис. Покрај фабриката имал продавница покрај реката Драгор до мостот викан на Мушон, во која работел некој Јорго од Цапари, чија ќерка му беше сопруга на познатиот планинар и скијач Пета.Стерјо Пикуле доживеал трагична судбина, зашто умрел во сиромаштија покрај неговиот помошен работник Реџеп. Поп Никола мисли дека Стерјо е погребан во селото, а дека бил во ситуација од Битола до Магарево да оди за 1 сат, а Владимир Хаџијовановски Беби (87) ни кажа дека Стерјо не само што бил многу трудољубив човек, туку и хуман, зашто посадил многу ореви над селото по Магаревска река во која често пати се капел, зашто дел од неа се наоѓал и во имотот на фабриката. Фабриката беше во близина на познатата чешма на Марпе.

Лево Васич Мирослав татко на Предраг. Филота Фила со сестрата Антигона и сопругата Ели, десно Роксани, Атина, Леон, Франко и Вера Бела

За Стерјо Пикупе разговаравме и со Коче Горгиев Калица, кој исто така со голема љубов го осознава и проучува минатото на Магарево и Трново и неговите познати жители, меѓу кои бил и Стерјо Пикуле.За фабриката на Стерјо Пикуле во с.Магарево пишувал и Д-р Трајче Грујоски во книгата „Битола на мојата младост” издадена во 1987 г. од БИД „Мисирков” во која во одделот „Индустрија” го пишува следното: „Текстилното претпријатие на Стерјо Пикуле беше лоцирано во с.Магарево со 14 машини што ги движеше турбина на вода со јачина од 28 КС. Вработените 24 луѓе произведувале разни видови воленени и памучни ткаенини и гајтан.

Роксани

Но, каква иронија токму деновиве „Тетекс”, кој започна да работи со машините од фабриката на Пикуле и прерасна во текстилен гигнат со некогаш 8800 работници, деновиве престана со работа.Постоењето на фабриката на Стерјо Пикуле во с.Магарево нема никогаш да биде избришано од историјата на Битолското минато, а во благодарност на тоа Предраг Васиќ подари икона во црквата Св.Богородица во с.Магарево, а сеќавањата не само на жителите, туку и на многу други битолчани за Пикуле и неговата фабрика ќе останат вечно забележани.

Петар Ставрев за весникот Занаетчија. Голем поздрав од нас до фамилиите со битолско потекло во Белград, Р. СРБИЈА. Секогаш отворена врата за вашите приказни. Контакт на емаил [email protected]


Кликнете на сликата за првиот дел