Кисела Вода беше култно излетничко место за битолчани и жителите на околните села кои гравитираат спрема границата со Грција и подножјето на Баба Планина. Се наоѓа само на неколку километри асфалтен пат од Битола после с. Крстоар и пред с. Бистрица. Битолчани кои полнат сребрена вода од блискиот истоимен извор кај црквичето св. Ѓоргија неретко го здогледуваат потсетувајќи се на убавите викендашки времиња кога тука на времето не можеше слободна маса да се најде.
Со оформувањето на приодот на местото каде што има и извор на кисела вода и неговото поставување како во дупка, тука се имаат случено многу трагедии во раните утрински часови. Од самиот извор се испушта отровен гас и поради неможноста од проветрување истиот останува подолго време како опасеност за посетителите.
На времето битолчани го паметат и базенот кој беше во непосредна близина. Тој сега е затрупан заради, како што раскажуваат постарите битолчани, мраз студената вода која никако и покрај високите температури не можеше да се затопли.
Од некогашното државно претпријатие УТП Македонија во 90 тите премина во сопственост на газдите на Еурокар и сега пред десетина години е со друг газда кој веќе после подолг период со лично негови средства започна да го возобновува, секако со намера да ги врати тие убави спомени на тие постари генерации за кои ова место беше прибежиште од битолското сивило и бетон во природа и под Пелистер, на само 3 км. од Битола.
Само за убо и аирлија да му е…