Нов асфалтен пат кој е обвиен само со зеленило и одозгора срамежливо наѕира синото летно небо денес не однесе во село Маловишта. Новите рибници кои се наоѓаат веднаш до патот и црквичето св. Ѓорги се првите знаци дека тука има скриена цивилизација. Како да влегувате во селото на Штрумфовите. Тука полемиот дел од старите селски куќи се созидани со камен. На дел од нив како покрив сѐ уште се наоѓаат камените плочи, а другите се покриени со ламарина или ѓерамиди.

Ретки се тие измалтарени или дотерани со нова фасада и најискрено, ниту ги личи тука такви. Искрено дури и самиот обектив не сакаше да ги фотографира.

Сретнавме по некој жител чат пат низ селото, кај кои уште се има задржано културното однесување и обраќање со „Добар ден“ и „Здраво, добро дојдовте“. Ги сретнавме Ристо, Драга, другите беа во дворовите, имаше и дечиња кои беа од Битола на поседок кај баба и дедо. Ристо ни тури и една домашна бела, ни ја отвори црквата св. Петка и ни раскажа по нешто за неа и за селото.

Улиците и селските чикмачиња се уште со нивниот автентичен стил како што биле некогаш, калдрмести со камења, тишината ја прекинува бревтањето на некое коњче, кукурикањето на петел или лаење на домашно куче. Големите градби кои некогаш биле белег на ова село и градителските тајфи и ден денес импресионираат.

Маловишта е специфично село, со интересна, автентична архитектура. Селото има убави, големи куќи градени од камен, на традиционален начин. Белег на старата архитектура се сочуваните стари калдрмисани улички, камените мостови и изгледот на мала градска населба. Во центарот на селото се издигнува црквата Св. Петка, со својот сочуван фрескоживопис, како и извонредниот дрвен иконостас изработен во длабока резба.

Чистиот планински, воздух, свежината од блиската река се само уште една убавина која Ве разгалува во Потпелистерието. На 40 минути е св. Ана, на 2 часа св. Спас и св. Атанас према изворите на река Шемница. Селската продавница, кооперација, не работи повеќе. Доколку немате каде да се приберите на гости, нема и каде да се задржите тука повеќе. Освен една прошетка околу селските куќи и дворови друго и нема што да правите тука.

Прашавме и дали некој продава куќа тука, бидејќи некогаш тука живееше фамилија на една наша пријателка французинка и уште на времето се продадоа или го оставија во наследство на други и повторно сака да купи. Добивме негативен одговор, ако е повеќето напуштено и оставено во заборав сега, засега нема ништо за продажба.