Битолско минато

Со ПЕТ(АР) во ПЕТ(ОК)
Петар Ставрев

Специјално за„Бабам Битола“

Талентот, љубовта и односот кон творештвото во многу случаи биле значителен фактор за создавање на дела со трајни вредности, без разлика каде и да се тие создавани. Тоа може да се однесува и на првата опера во Македонија „Гоце“ (во 1953 г. )

која авторот Кирил Македонски немајки подобри услови за работа ја создавал на клавирот што се наоѓал во кафаната „Централ“ на Широк Сокак, на чие место сега се наоѓа хотелот „Епинал“. Подоцна тој клавир се најде во арсеналот на музички инструменти во Радио Битола,

која му го подари на Заводот-Музеј каде сега се наоѓа меѓу неговите позначајни експонати.

Кирил Македонски, роден во Арнаут Маале во Битола во 1925 г во скромно, добродушно семејство уште од млади години го искажува својот богат музички талент. Тој е автор покрај операта „Гоце“ и на уште две опери „Цар Самоил“ и „Илинден“, а за одбележување на останатото негово музичко дело ќе ни треба далеку поголем простор.

Можеби е доволно да се каже дека создал пет симфонии, симфониски поеми, сонати, филмска и сценска музика, зашто добил и многу домашни и меѓународни награди.

Бил и почесен доктор по музикотерапија, професор и учесник со научи трудови во многу земји. Се школувал во Битола, Скопје, Загреб, Сараево, Љубљана, Варшава, Дармштад, а негови дела се изведувани во Германија, Франција, Русија, Полска, Романија, Бугарија, Холандија, САД, Куба и Аргентина. Почина во Скопје во 1984г.