Окружното партиското и државно раководство од Битола, некаде во 1946 година, сакаше да докаже дека ова нема да биде само револуција шо тече, туку дека, без проблем, се пентери, се искачува на Саат кулата во Битола. Предводник, секретарот на Окружниот комитет на Комунистичката партија во Битола, кадровик на Охрид, Аспарух Каневче и уште некој битолски функционер.
-Да се руши до темел…Пепел да се направи се што сум заокружил овде… Улица по улица, објект по објект! Ударнички, камен на камен да не остане, јасно?! – ја даваше со строг глас наредбата партиецот Каневче.
Требаше да биде рушен најубавиот и најбогатиот дел на битолската чаршија околу Саат кулата и малку пошироко.
Придружниците знаеја дека окружниот секретар, другарот Каневче, не е човек кој би расправал по веќе донесена одлука.
Сепак, еден од битолчаните се осмели:
-Другар окружни, ќе биде така како вие сакате…Ама, ене, онде, е Пекмез чаршија каква нема на Балканот ! Сите таму си ја блажиме душата, се пекмезиме…
-На се мислиме… Ќе ја пеплосаме ова чаршија за да изградиме широк плоштад со гранитни коцки, со бина… Ќе биде овде место за држење говори… Нашето време дојде! Пекмез, ама од зборови, ќе им пикаме на граѓаните низ ушите!
Тажни се битолчаните – и ден денес жалат за чаршијата, а не за добрата намера со нејзиното рушење!
Анегдота испратена од Никола Талевски