Пастрмалија или уште како што ја нарекуваат Македонска пица е специјален тип на пита направен од тесто и месо.
Името потекнува од зборот пастрма, што значи солено и сушено месо од овца или јагне.

Но, во денешно време, скоро и да не се користи пастрма за правење на пастрмалии и најкористено месо е свинското, а неретко се става и пилешко месо. По желба може да се додаде и кашкавал, печурки, јајце итн. Често името се греши и наместо пастрмалија се нарекува пастрмајлија.

Во Битола веќе години наназад постојат ресторани кои подготвуваат превкусни пастрмалии, а ние денес ќе ви покажеме како самите да си ги направите дома. Од оваа доза се добиваат 5 големи пастрмалии, но вие можете да ја преполовите дозата. Доколку не го искористите целото тесто, убаво затворете го и вратете го во фрижидер или во замрзнувач.

Состојки

За ТЕСТО
1 кг и 200 гр. брашно
700 мл. вода
6 лажици масло
2 лажички сол
2 лажички шеќер
1 коцка свеж квасец (40грама)
1/2 пакетче прашок за печиво

За ФИЛ
1,5 кг свинско месо
1,5 голема лажица Буковска пипер
1,5 голема лажица сол
5 јајца
250 г рендан кашкавал

За ПРЕМАЧКУВАЊЕ
околу 150 гр. свинска маст

сусам по желба
Подготовка

1. Најпрво се подготвува месото претходниот ден или најмалку неколку часа пред печење на пастрмалиите.
Исечкајте го на коцки, зачинете со сол и пипер. Оставете го во најлонска ќеса или во друг покриен сад во фрижидер. Пред употреба, извадете го 1 час порано од фрижидер за да омекни на собна температура.
2. За тестото – активирајте го квасецот со 200 мл млака вода, 2те лажички шеќер и малку брашно. Кога ќе стаса, во вангла ставете ги сите состојки и замесете средно меко нелепливо тесто. По потреба додадете уште малку брашно. Оставете го тестото да стаса 1 час. Размесете го по 1 час и пак оставете го уште половина час да нарасте.
Откако ќе стаса и по втор пат, размесете го и поделете го на 5 дела. Од секој дел обликувајте пастрмалии и расплескувајте ги во набрашнета тава со намастени раце со малку сало.
3.Секоја пастрмалија наредете ја со месо и парченца свинска маст. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени 20тина минути. Потоа додадете малку рендан кашкавал и јајце (можи и да ги измешате заедноо), премачкајте ги краевите со свинска маст и вратете да се печат уште отприлика 5 минути.

4. Комбинирајте со феферончиња и на здравје!