Битолско минато
Со ПЕТ(АР) во Пет(ОК)
Петар Ставрев
Специјално за „Бабам Битола“

Ристо Пулевски (86) е еден од најпознатите битолски пејачи на македонски и влашки народни песни. Познат е и како автор на песната „Туѓината пуста да остане“ пеена од повеќе интерпретатори.

Тој својата музичка кариера од родното Ниже Поле ја започна во 1955 г. преку микрофонот на Радио Битола кога заедно со него настапуваа Ајри Демировски, Кочо Стојановски – Кочани, Благој Кузевски, Аспасија Чамова, дуетите „Андреевски“, „Павловски“ и др.

Бидејќи тогаш песните се пееа во живо, Ристо Пулевски до Радио Битола во зградата на Пандаро, под Црн Мост најчесто доаѓаше со трчање за да не закасни во 11ч. кога во живо започнуваше програмата на Радио Битола.

Неговата песна „Дали знаеш мила мајко што сум несреќна“ што ја пееше Цвета и Петар Павловски пред неколку години на својот репертоар ја стави и познатиот светски пејач Питер Габриел, негирајќи го авторството на Пулевски, заради што и се водеше меѓународен судски спор.
Досега Пулевски има снимено повеќе песни на македонски и влашки јазик, а имал и многу настапи пред голем број љубители на овој мелос.

Ристо Пулевски и ден – денес не се откажува од пеењето, а деновиве издаде Це-Де со песни што ги пеел со Панде Коминовски- Пашата од с. Буково, кој почина пред извесно време.