На денешен ден, 3 Мај 1942 г. во Ореовската корија, кај селото Ореово, Битолско, е разбиен Битолскиот народноослободителен партизански одред „Пелистер“ кој е формиран на 22 Април над селото Лавци, Битолско. Тој бил прв партизански одред формиран во битолската околија. Во неговиот состав влегле 21 борец.

Одредот главно вршел обука на борците. На први мај командирот на одредот, Ѓорѓи Наумов, со уште двајца борци, Никола Георгиевски и Стефан Трајковски, се оддалечиле од логорот и паднале во рацете на бугарска патрола. Одредот се повлекол подлабоко во шумата, но по два дена бил сместен и опколен од бугарската војска. Поради апсењата и испраќањето борци да воспостават врска, во моментот на битката одредот броел 12 борци. Во нерамна битка одредот бил разбиен, при што загинале шест борци (Димитар Николовски, Јоска Јорданоски – Сандански, Ордан Михајлоски, Елпида Караманди, Мара Јосифовска и Димче Хаџипоповски), а Венда Христова била уапсена.

Вкупно биле уапсени 11 борци, а преостанатите четворица борци успеале да се илегализираат во Битола. Елпида како ранета била влечена за коси, врзана за еден коњ на бугарските војници. Во битката, бугарската војска и полиција имале околу 30 загинати и ранети.

Битката на одредот со бугарската војска е опеана во познатата партизанска песна „Таму ле, мајко, близу Битола“, напишана од Ајри Демировски (1950).