Отворен простор со театарска намена, единствена од ваков вид во Битола, била бавчата на хотелот ,,Босна”. Се наоѓала во потесното градско подрачје, токму меѓу хотелот ,,Босна“ и зградата на Театарот. Станала многу популарно и често собиралиште и за кафеанските развлеченија, но и за вљубениците на театарот, особено непосредно по Првата светска војна. Лесно прилагодлива веднаш се преобразувала во театарска арена во летните месеци.

На 23.08.1914 год. тука била дадена првата драмска претстава „Тие четворицата ” од Г. Заполјски. Во случај на невреме салата на хотелот „Босна” била алтернативно решение. Така скоро ниту една претстава не се случило да биде одложена или откажана.

По возобновувањето на театарскиот живот во Битола во 1923 год. бавчата продолжила со театарската традиција. ,,Битољски трговински гласник” на 23 мај 1923
год. јавува дека управителот на театарот Мих. Лазиќ набавил нов декор од скромните материјални резерви и дека претставите од саботите веќе започнале да се прикажуваат редовно. Немањето евиденција на местата и слободното располагање и преместувње на столиците бил најгорливиот проблем. Тоа раѓало неред, нервоза, дури и болни, неретко и груби расправии. На 17 мај 1923 год. се случил токму еден таков инцидент. Разгневен татко и маж, кој со себе го повел и целото семејство, а за билетите платил висока цена од 100 динари, не можел да најде место. Не можел да му помогне дури и никој од одговорните. Не е познато како завршила непријатната расправија.

Популарноста на бавчава не била засенета и по возобновувањето на зградата на Театарот. Во летните месеци продолжила да ја има фунцијата што беше си ја изградила. Белградскиот комичен театар во 1934 год. бесплатните, катавечерни летни претстави ги давал токму во неа макар што подобри услови нудел театарскиот објект.

Извадок од книгата „Каријатиди на театарот” од проф. Александар Стерјовски која во електронска верзија од денес е дел од нашата архива ТУКА

Голема благодарност до Бабук и Тони Јовановски

Фотографии непознат извор, најверојатно Милтон Манаки