Петок на 5 октомври, под покровителство на познатиот спортски работник, Трифун Костовски, во договор со Општина Битола и „Битолски весник“ и во пресрет на одбележувањето на 11 Октомври се подготвува голем спортски хепенинг. Имено, кон крајот на неделата ќе се одржи првиот меморијален турнир за ветерани од 45 до 65 години, во фудбал и ракомет „Мате Шундовски”.
На турнирот на стадионот „Тумбе кафе“ и спортската сала „Боро Чурлевски” ќе настапат фудбалските екипи на Пелистер и Победа и екипата на РК Пелистер и селекцијата на Пепи Манасков во ракомет. Овој турнир во ракомет и фудбал ќе го носи името на познатиот водич на битолските навивачи Мате Шундовски. Предвиден е настап на големи спортски имиња од двата спорта, поканети се ракометари на Дејан Периќ, Шандор Ходик, Слободан Николиќ и многу, многу други. Ланското ракометно дружење на ветераните мина во преполна сала и многу емоции.
Фудбалските ветерани со Тони Мицевски, Горан Ставревски, Митко Стојковски исто така ќе ја збогатат манифестацијата со дуел со најпознатите имиња на прилепскиот фудбал.
Според покровителот на турнирот, Трифун Костовски, овој турнир ќе биде традиционален и секоја година ќе се одржува во пресрет на празникот 11 Октомври.
Извор Гол.мк