Со донесувањето на Законот за Денационализација во Република Максдонија почна враќањето на имотите на граѓаните одземени од државата. Со тоа се исправи и историската неправда кои многу семејства на кои насилно им беше одземен имотот.
Во согласност со споменатиот Закон беше вратена и куќата на починатиот Илија Србинов(ич), познат предвоен индустријалец и трговец од Битола. Куќата се наоѓа на Широк Сокак, во градот Битопа, а е една од 14-те имоти вратени со првите решенија за денационализација во Р.Македонија.
Потомците на Србинов се жалат на крајно невкусната споредба помеѓу судбината на Илија Србинов и сегашниот станар во куќата на Илија на улицата “Маршал Тито” број 48. Споредба невкусно била направена од редакцијата “Вечер” под наслов “На Беака им се врати радоста, на Хаџи Антоновски маката”: со наднаслов: “Како конфискувањето така и враќањето на одземените имоти го следат трауми”.
Ние не живееме на улицата “Маршал Тито” број 48, нашата куќа е на Широк Сокак, а нашата судбина е наша, се гордееме со неа, иако од неа извираат смрт и болка и никому не му посакуваме да ја доживее, велат потомците на Србинов и додаваат: да се живее во општествен стан со бенифицирана кирија, па уште и на улицата “Маршал Тито” било привилегија што ја уживале станарите во нивната куќа. И денес e привилегија да се добие општествен стан, која им се нуди на станарите, па затоа воопшто не ја споделуваме тагата на редакцијата “Вечер” за сегашните станари во нашите станови.
Илија Србинов бил човек кој добро го познава старите битолчани. Неговата најрана младост му започна на печалба во “пусто Влашко”, Костанца, каде живеел со своите родители. Неговиот татко Наум ги оставил коските во туѓина, за да му овозможи на својот син и на сопругата Кристина да се вратат дома, во Битола, кај родното и вековито печалбарско Буково. Со тешко заработените пари Илија успеал спечаленото да го оплоди.
Тој бил еден од основачите на Трикотажата Пелистер Битола, потоа го отворил и раководел со Пиварското стовариште на Пиварата Скопје во Битола. Со сопствен камион ја снабдувал со пиво, сокови, сода итн. целата југозападна Македонија, бил и виден трговец, извозник, на неговиот кашкавал од неговата мандра во селото Магарево успеал да стаса и во далечната Америка.
Бил богат и се гордеел со тоа. Бил и член на Ротари-клубот во Битола (денешните Ротаријанци седнаа во фотељите и не прашаа што стана со старите Ротаријанци). Илија вработувал многу битолчани и се гордеел со својот претприемачки дух. Со својот автомобил, марка опел, а потоа и доџ, возејќи се низ битолските оокаци бил пример како се работи и заработува и како се гради во Македонија.
Покрај Текстилната фабрика Трикотажа Пелистер, со инжинерот Глигор Ташковиќ, кој бил и проектант, во триеесеттите години на овој век изградил куќа на Широк Сокак во која се родиле четворица нови членови на семејството. Изградил и вила “Маедраг”, крстена според почетните имиња на неговите ќерки, со базен за капење. Доградил и мандра во селото Магарево, и постојано патувал во Скопје и Солун. Неговите потомци велат дека ретко го гледале, но го чувствувале неговиот претприемачки дух. Илија Србинов бил успешен и без мобилни телефони, факсови, писмени договори, затоа што имал образ и чест, а неговиот збор и зборот на неговите партнери бил посилен од cé.
Ce вгради себеси во темелите на стопанското живеење на Битола и Македонија и зедно со таквите како него го засади цвеќето што и по педеесетгодишно газење не овена, туку еве пред вашите очи одново разлистува, велат потомците на Србинов.
Но, за негова голема жал во Битола по Војната победила опцијата со која Србинов не можел да се помири и да ја разбере. Не можел да сфати зошто црвените му “обесиле табла со натпис купак и народен непријател” и зошто него и неговите пријатели ги шетале како “мечки” низ Битола, ги плукале и зошто ги суделе пред Судот за Македонска национална свест како народни непријатели.
Но сфатил кога му ги одзеле и куќата на Широк Сокак, УДБА го истерала и од вилата “Маедраг”, за да ја претвори во “репрезентативен хотел за дочек на официјални гости”, му забраниле и да стапне во фабриката и пиварата, а му го одзеле и автомобилот. Своите предмети во домаќинството ги гледал кај други луѓе.
Не можејќи да го трпи сето тоа Илија со својата средна ќерка и со својот пријател Глигор Ташковиќ заминува за Загреб и Дубровник и се обидел да побегне во Америка; Подоцна Глигор имал среќа, но Србинов и ќерка му биле вратени во Скопје. Илија бил затворен во Издризово од 1948 до 1950 година. Илија по излегувањето од затвор, не можел да издржи да гледа како се руши сето она што го градел тој.
Неговата куќа сега е вратена на потомците на Србинов, но неговите две ќерки за малку не дочекале да се вратат во моминските одаи. Потомците сметаат дека нивната радост е радост за Македонија, преточена народна волја во Законот за денационализација.
Досега за денационализацијата пишувавме наместо епитаф, сега се надеваме дека ќе пишуваме нови страници во историјата на Македонија од кои ќе прозвучи
духот на Илија Србинов и татко му Наум, печалот од пусто Влашко, па нека го чујат и нека научат нешто и оние што им завидуваа, што знаат и умеат, што градат и имаат, порачуваат наследниците на Илија Србинов, семејствата Беака, Савовски и Тасевски од Широк Сокак од Битола.
Текст и фото Жаклина Митевска за Македонско Сонце 2000 година , извадоци испратени од Боро Тасевски од Скопје и фамилијата Србинови кои јавно ги поздравуваме. Голема благодарност и до Диме, сегашниот сопственик на Хотел Милениум