Горан Пинза, наш битолчанец кој долги години е препознатлив македонски туристички водич за Битола и Македонија, започна една нова идеја носена од неговото здружение “ДОЈДИ ВИДИ УЖИВАЈ“ основано во 2019 – та година. Неговата цел е активен развој на туризмот и угостителството во нашиот поширок регион, како и вмрежување на чинителите во туристичката дејност, со цел заедничка понуда, соработка и промоција во иднина.
Како дојде оваа идеа?
Идејата за почеток на овај проект кај мене се појави пред неколку години, пред се поради начинот на живот на најмладите генерации, како и непрепознавањето на убавините и посебноста на Националниот Парк Пелистер кој е на само 15 км од центарот на градот Битола.
Која е целта?
Едукацијата, рекреацијата, но и желбата кај нив да се развие љубовта кон планината и природата, е она кое не поттикна да стартуваме со овај проект. Се разбира, не смее да се занемари моментот на екологијата и зачувувањето на околината.
Нашата крајна цел е, што е можно повеќе млади луѓе да дојдат, ја посетат планината и да поминуваат што е можно повеќе од слободното време на чист воздух, во една фантастична средина и опкружување кое може да ни го приреди само Пелистер со своите неверојатни предели за пешачење, планинарење и излетнички терени. Да ги смениме навиките кои се длабоко вкоренети во сите нас и дека слободното време треба да се поминува само по кафиња и затворени простории.
Која категорија на деца е присутна во вашиот проект?
Стартовавме со деца на возраст од 11 години од фудбалскиот клуб Пелистер, а иако не постои горна граница, во овај проект е замислено да учествуваат ученици од основно и средно училиште. Ова е поврзано со нивните наставни програми, бидејќи во делот на едукацијата, тие овде, во живо, како и во поставката во просториите на Инфо Центарот ќе можат да се запознаат со разните ендемски видови на флора и фауна, како и со случувањата од периодот на Првата Светска војна и нападите на градот кои се случувале баш од оваа страна на фронтот. Од тука, сакаме да упатиме повик до сите заинтересирани спортски клубови, организации, јазични студија и останати, да не контактираат на тел. број 075 572 037 или на нашата фб страна ДОЈДИ ВИДИ УЖИВАЈ.
Пелистер е една голема и не многу истражена целина. На кое место, какви активности имате?
Наша прва станица е Инфо Центарот на Пелистер или кај битолчани од дамнина позната како “На Лазо вилата (1350м.н.в.)”. До таму доаѓаме со организиран превоз кој поаѓа од паркингот кај спортската сала. Следи посета на Инфо центарот и разглед на редовната поставка, за потоа секој од посетителите да добие топол чај и слушне дополнителни информации поврзани со Националниот Парк. Потоа продолжуваме со пешачката тура, именувана како “Историска патека” . Се работи за релативно лесна тура во траење од 30тина минути која завршува во близина на хотелот Молика. Во зависност од возраста и физичката кондиција, турата ја продолжуваме до некогашниот планинарски дом Копанки. Следи поделба на ланч пакети за секој присутен и слободно време за фотографирање, игри, како и индивидуално истражување.
Како ја оценуваш досегашната посетеност на НП Пелистер од страна на децата?
Реакциите на децата се различни. Еден мал дел од нив доаѓаат на скијање во зимскиот период или доаѓале еднаш до два пати со своите родители и роднини, додека еден дел од нив доаѓаат за прв пат и гледајќи ги нивните реакции, знаеме дека ова нема да биде и последен пат.
Какви се вашите планови, до кога ќе трае проектот и кој се може да се вклучи?
Овај проект планираме да трае уште долго, долго, се додека има интерес и се разбира поддршка, како од клубовите и училиштата, така и од спонзорите кои евентуално би се приклучиле во иднина. Проектот со име „Да го запознаеме Националниот Парк Пелистер за повеќе да го сакаме и почитуваме” е започнат како пилот верзија, а основните средства за почеток се добиени од повикот за Проекти на невладини организации и здруженија во 2020-та година од Општина Битола. За жал, тие не се доволни за да го покријат целиот финансиски трошок, но искрено се надеваме дека нашите стопанственици ќе ја препознаат оваа идеја и желба за една позитивна промена и ќе ни помогнат за да овај проект не замре по само неколку месеци.
Доколку е сѐ во ред и оди според планираното, наша желба е да се организираат најмалку 5-6 екскурзии во текот на еден месец.