Некогашниот Хотел Македонија, сега ругло на убавиот Широк Сокак е направен во 1970-тите со рушењето на две знаменити градби во Битола и припојување кон некогашниот хотел Јевтич, и тоа книжарницата и печатница на Илија Иванов и куќата на Надежда Јажева Светиева која како мираз била поклон од нејзиниот татко за нејзината свадба кои од тогашната повоена власт се одземени и национализирани па срушени.

После неколку фотографии кои од наша страна беа испратени до Анета Светиева, ќерка од бракот на Надежда со Христо Светиев, во нашата кореспонденција самата повеќе во радост отколку во тага ни напиша:

– Замисли, толку сме се мислеле која е куќата на дедо ми и мајка ми што им ја срушиле, а тој податок ми стоел „пред нос“ Постои судско решение во кое, со 1946 година, дедо ми ја префрлил куќата на главната улица, на мајка ми, како мираз. Еве ти го праќам скенираниот документ. Некаде на средина, под насловот ПОРАВНАЊЕ, во деветтиот ред, стои: …недвижен имот , куќа со дуќан /кафана/, која се наоѓаат во Битола во улица Маршал Тито, бр. 69.

Толку пати си ми праќал стари фотографии каде што убаво се гледа куќата со кафаната и не сум знаела, никој дома не спомнал, дека куќата на дедо ми имала кафана!… завршува Анета.

Вангел бил централна личност на семејството Јажеви кон крајот на 19-ти и до средина 20-ти век. Неговиот живот бил во извесна смисла посебен, но општо земено тој претставува класичен пример на македонски печалбар кој во далечниот свет постигнал личен успех, но во сопствената земја доживеал истовремено почит, завист и понижување.

Завидливоста и понижувањето очигледно биле многу поголеми од почитта за што сведочи неговиот тажен крај. Исто така, биографијата на Ванѓел Јажев, претставува пример, како општеството може да влијае врз поединецот, но и поединецот врз општеството.

По капитулацијата на тогашна Југославија, од Белград се вратил во Битола битолчанецот инженер Христо Светиев кој од рана младост бил задоен со идеите на ВМРО и бил член на ММТРО (Македонска младинска тајна револуционерна организација). Бил назначен најпрво за помошник кмет на градот (1942-43) а потоа за кмет на Општината Битола (1943-1944). Тој ја побарал за жена ќерката на Ванѓел Јажев – Надежда

и се оженил со неа во 1943 г. со многу свечена свадба и како што понекогаш истакнуваше – со девет попови. Во тој брак е родена Анета Светиева, декември 1944 година, а подоцна во 1951 г. и Томислав Светиев.

Со 45 години континуиран стаж во занаетот, Илија Христов Иванов беше најупорниот и најдоследниот реализатор на печатарската дејност во Битола. И додека другите, од ред причини, ја прекинуваат и ја обновуваат својата работа, вешто извлекувајќи се од неприликите и замките на времето, тој постигна резултати во месното печатарство што се за секоја почит. Неговата печатница, како никоја друга, стана и школа и расадник на генерации битолски графички работници и нема, речиси, нити еден постар графички работник од Битола кој не поминал низ неа како чирак, калфа или мајстор.

Пред некое време сретнавме натпис за голготата на неговите потомци низ судските лавиринти за враќање на нивниот имот на самата улица Широк Сокак, но не успеавме да го зачуваме и ако не чита некој од нив слободно нека ни го прати ќе го додадеме .

Инаку хотел Македонија заедно со дуќаните кои се издаваат во неговото приземје, е сопственост на некогашниот директор на Епинал Трајче Масалковски од с. Кукуречани, чија сопственост се и други објекти на Широк Сокак и бензиски пумпи во околината на Битола.

Денеска целиот хотел се распаѓа и е потенцијална опасност по живот на тукашните минувачи и битолчани.

Сегашниот изглед на Хотел Македонија, фото Томи Димовски

Прекриен со голема реклама за пиво од неколку 100 м2 воопшто не коренспондира со убавината која Широк Сокак треба да ни ја прикажува. Барем на сликата да го имаше староградскиот изглед на тукашните некогашни објекти за кои пишуваме.


Од нас толку, нека остани некој запис во историја. Очекуваме повеќе од сегашниот сопственик, наследници и надлежните органи за разубавување на овај нагрден дел – ругло или расипан бајпас во срцето на убавиот Широк Сокак.