Централна личност на семејството Јажеви кон крајот на 19-ти и до средина 20-ти век,  бил мојот дедо Ванѓел Јажев. Неговиот живот бил во извесна смисла посебен, но општо земено тој претставува класичен пример на  македонски печалбар кој во далечниот свет постигнал личен успех, но во сопствената земја доживеал истовремено почит, завист и понижување. Завидливоста и понижувањето очигледно биле многу поголеми од почитта за што сведочи неговиот тажен крај. Исто така, биографијата на Ванѓел Јажев, претставува пример, како општеството може да влијае врз поединецот, но и поединецот врз општеството.

Според кажувањата на Ванѓел Јажев за неговото потекло, неговите родители и неговите баба и дедо биле припадници на македонската етничка група Мијаци, од Мала Река во Западна Македонија. Дедо ми Ванѓел бил Мијак и ги знаел народните кажувања за населбите на Мијаците  кои ги пренел на децата, конкретно на мајка ми, која ми ги пренесе мене. Во народните преданија што ги кажуваше дедо ми, според сточарската традиција, сточари со стада биле дојдени на летните пасишта на Бистра, од нивните населби кај река Галик во Егејска Македонија. Но поради јаката зима, не можеле да се вратат назад и оние што преживеале одлучиле да направат импровизирани скривалишта, на просторот каде подоцна бил изграден Галичник. Покрај ова предание во етнологијата се запишани и други народни кажувања за потеклото на Мијаците, но во оваа прилика тоа не е предмет на текстот. Дека дедо ми бил Мијак, ми потврди и г-дин Томо Талевски со прекар „Макја“ (1905 – 1976), влав по мајка (со презиме Барда) од Крушево, близок до семејството на мојата свекрва Елена Анастасова, во Скопје околу 1970-тите години. Тој добро ја знаеше фамилијата Јажеви.  

Познато е дека дел од Мијаците биле присилени да се отселат од родниот крај, особено  поради притисокот од Албанците, тнр. „Качаци“,  од планинските сиромашни предели, кои во неможност да остварат егзистенција на нормален начин, се занимавале со грабежно стопанство. На нивен удар биле Мијаците како вешти сточари со големи стада, посебно најголемите сточари, познати по додавката „ќаи“ (од турскиот збор „кехаја„ со значење власник, господар), а подоцна и трговците, занаетчиите, печалбарите и други лица кои заработиле некаков движен или недвижен имот. Познато е до денес, дека оваа грабежна пракса сеуште се практикува повремено во пограничната македонско-албанска зона. Оваа појава е позната во науката, дека во неможност на регуларно стопанство поради недостиг на плодна земја или други природни или социјални услови, егзистенцијата се обезбедувала на нерегуларен и агресивен начин. Во таа смисла, се смета дека на Балканот, и тнр. „ускоци„ од сиромашната планинска јадранска позадина, практикувале грабежно стопанство, за што зборуваат поплаките на селаните од тогашните хрватски и словенечки предели, до нивните феудални господари, за што постојат редица примери во стручната литература.

Со православните Мијаци, оваа судбина је делеле и Македонците со исламска вера, наречени Торбеши од западните македонски предели. На тој начин се оформиле мијачки и торбешки населби надвор од матичната етничка група, во дијаспора, низ цела Македонија, како мијачката населба Ехловец во Кичевско, потоа населби на  Торбеши во Кичевско кои се денес непрепознатливи бидејќи се албанизирале, потоа православната мијачка населба Смилево во Железник/Демирхисарско, мијачките населби Папрадиште и Ореше во Велешко и населби на  Торбеши во Горно Врановци, Мелница, и други населби во Велешко од кои некои се албанизирале и каде останале само одредени остатоци во презимињата што зборуваат за некогашното торбешко потекло во Горно Јаболчишта, итн. Потоа во Скопско има неколку населби на Торбеши од мијачкиот и дебарскиот крај во пределот наречен Скопска Торбешија. Исто така во Струшко, во Дебарски Дримкол, итн.  – со еден збор низ Македонија, имало поединци и групи од овој вид внатрешно раселени лица од западна Македонија, главно од истите причини – несигурност за животот и имотот во родниот крај.

Таква била и судбината на Велјан Иванов – таткото на Ванѓел Јажев. Во бугарските егзархиски црковни книги во Крушево бил запишан на турски начин, но подоцна (1941 год.) бил видоизменет на турско-бугарски начин (Велјан Ивановъ). Овој начин на формирање на личните податоци, произлегува од турскиот начин на запишување каде покрај името на одредена личност, стоело името на  неговиот татко, во случајот Велјан (лично има на синот) и Иван (таткото). Огромен број примери се среќаваат во турските даночни документи, тн. дефтери. Турскиот начин на формирање лични  податоци, останал во паметењето на луѓето од Македонија, бидејќи не познавале друг начин. Прашани за името, одговарале „според турска форма“ дома и надвор од матичната земја. Така биле евидентирани на почеток на 19-ти век во имиграциските документи за доселениците во САД од Македонија. За илустрација на кажаното, во текстот е даден еден детаљ од таков документ. Од тие причини голем проблем било подоцнежното формирање на презимињата. Од една страна туѓинските власти во Македонија, – српски и бугарски,  при запишувањето создавале презимиња во свој стил (на крајот со оъ/еъ…и сл.). Се случувало во едно проширено семејство неколку мажи од различни генерации да имаат различни презимиња изведени од имиња на нивните татковци, блиски роднини или од прекари. Од тие причини не е познато како и на кој начин настанало презимето Јажев, но очигледно е дека има некаква врска со јаже. Јасно е дека ова презиме се афирмирало во тнр. „српско време“, и тоа во Крушево. Бидејќи порано јажињата/ортомите рачно се произведувале и постоеле занаетчии јажари, можно е некој предок од семејството да се занимавал со „јажарскиот занает“ по кој биле познати по прекарот „јажевци“/„јажари“ и сл. Мојата мајка имаше свое мислење и веруваше дека дедо ми надимакот „Јаже“ го до добил заради брзото постапување во текот на секоја работа, проследени со разни брзи движења. Вистина е дека тие особини да се врти и движи како јаже, ги задржа до старост.  Беше многу вреден и не мируваше ни пет минути. Постојано се движеше наваму-натаму работејќи нешто во дворот или куќата. Гледано временски, прекарот „Јаже“/„Јажев“, можел да се појави пред Илинденското востание, бидејќи, подоцна во документите од печалбарските години се појавува како презиме во форма „Jage”, а во докумените од „српско“ (Јажевић) и во „бугарско“ (Јажевъ).

 

Детаљ од документ за запишување на личните податоци на Македонците

 на „турски начин“ од страна на службата за имиграција во САД, во 1909 година

турски начин на формирање  лични податоци со лично

име + име на таткото за имигранти Македонци во САД 1909

 

Конкретно не е познато со што се занимавал таткото на Ванѓел, но сигурно е дека не бил сточар. Можеби е произволно кажано, но во еден српски патријаршиски црковен документ од матична книга во Крушево, се спомнува дека таткото му бил кројач, а во друг документ од иста провиниенција се спомнува дека и двата негови синови (Ванѓел и неговиот брат Јован) се занимавале со шиење, односно го изучувале кројачкиот занает.

Мајката на Ванѓел се викала Захарија. Родителите на Ванѓел, заедно со нивните стари родители, етапно се селеле додека не го одбрале вистинското место за живот. Тие пристигнале во околината на Крушево, каде во две населби – Бирино и Трстеник (денес овие села не постојат), имало населени Мијаци, бегалци од матичниот роден крај. Според кажувања на постар Крушевчанец, тие најпрво се населиле во Бирино. Потоа одлучиле да се преселат во Крушево. За тој факт зборуваат и  податоците за раѓањето на децата во Крушево.

Кога се родил Ванѓел (1875 година) во Крушево, желба на кумот била да се вика Благоја. Но, мајка му се побунила бидејќи тоа име ја потсетувало на сиромавиот Благоја кој продавал боза. Кумот предложил да го крстат Ванѓел, бидејќи Ванѓел и Благоја е исто име  – едното на грчки  јазик, а другото на македонски.  Така кумот не отстапил  од својот предлог, а мајка му веќе не размислувала за поистоветувањето на нејзиниот син со судбината на сиромавиот Благоја. Во Крушево се родил и брат му Јован Јажев, што по крушевски аромански/влашки сите го викале Јон. Децата растеле со вообичаените проблеми, со тоа што Ванѓел бил доста нежен и болешлив. Тој факт го натерал во животот повеќе да се грижи за своето здравје што резултирало да биде долговечен до 89 години (починал во 1964 година), за разлика од  неговиот брат Јован/Јон, кој се сметал за здрав и отпорен и живеел со боемски живот, починал млад, во 1946 година.

Илинденското востание 1903 година направило редица промени во животот на семејството. Дедо ми Ванѓел во тоа време имал 28 години. Во страшниот осветнички напад на турските војски заедно со турско-албанските чети башибозуци, секој се спасувал како што знаел и умеел. На Ванѓел, како што самиот кажуваше, родителите му дале неколку златници сокриени во облеката, за да ги потплати „чуварите“ поставени околу Крушево кои  имале задача да го запалат градот заедно со луѓето. Сепак еден број од луѓето на истиот начин, со потплаќање, успеале да побегнат од градот. Во тоа бегање градот го напуштиле и родителите на Ванѓел. Само неговата баба не сакала да ја напушти куќата и кога го запалиле Крушево, жива изгорела во неа.

Од тој момент, семејството се поделило и нема доволно податоци каде престојувало во одреден период. Дедо ми Ванѓел кажуваше дека отишол пешки во Солун да бара работа. Работа нашол кај некој Евреин. Познато е дека Евреите го викале Солун „Мајка на Израел“ бидејќи таму имало голем број Евреи и тука биле родени најпознатите еврејски рабини. Дедо ми немаше убави зборови за неговиот мајстор/газда и кажуваше како го малтретирал на безброј начини. Сепак морал да издржи за да преживее Но, кога му се пружила поволна прилика, веднаш заминал за Париз. Таму дошол во допир со нова култура и нов начин  на живот. Тука биле добро оценети неговите знаења од кројачкиот занает и неговиот талент, така што бил прифатен во голема и позната фирма за изработка на облека, не само шиена по мерка, туку и како еден почетен вид конфекција. Во тоа време имал дури и свој печат со неговото име и професија (ВАНЃЕЛ КРОЈАЧ), на француски јазик.

 

Откако стекнал углед како добар мајстор и сигурен човек со етика и морал, фирмата од Париз го испратила во Јужна Америка, во Перу, за да ја рекламира и да ја рашири дејноста на фирмата, а и лично да заработи повеќе. Не е познато во кое време, но во Перу му се придружил и брат му Јован (на шпански-кастиљански – Хуан), па така двајцата заедно работеле во кројачката работилница за машка облека. Во тој дел од светот, нивното презиме било „Јаге“. Дедо ми, поради чувствителното здравје, не ја поднесувал климата во главниот град Лима и одлучил работата да ја префрли во градот Арекипа. Подоцна, во два наврата, во 1917 и 1920 година, купил куќа во Арекипа а потоа и земјиштето како и другите права за куќата, на улица „Санто Доминго“ број 128 и 130. Додека престојувал во Арекипа, никогаш не заборавил од каде потекнува и имал само една цел – да се врати во родната земја. Читал весници за да се информира што се случува во Македонија и на Балканот. Знаел неколку јазици покрај мајчиниот македонски јазик, и тоа: аромански/влашки од детството и младоста во Крушево; грчки и делумно турски како јазици на пазарот во Солун (покрај македонскиот); француски, говорно и писмено и шпански/кастиљански во Перу – Арекипа. Ги знаел сите страшни случувања од Балканските војни и Првата светска војна, како и несреќата на Македонија да биде поделена меѓу соседните држави. Разбрал дека вардарскиот дел на Македонија – делот од татковината каде што е роден, биле под српска власт.  

Сепак, одлучил да се врати кај остарените родители, да се ожени и да формира семејство. Имал доволно заштедени пари. Според договорот, брат му кој што решил да остане таму, добил службено полномошно да се грижи за имотот, за куќата во Арекипа што ја издавал и за други тековни работи.

 

                                     Ванѓел (стои лево) и Јован/Хуан (стои десно) во Перу пред 1920

Јован/Хуан (лево) и Ванѓел (десно) во парк во Перу пред 1920

 

За Јован/Јон  може да се зборува врз основа на семејните кажувања и документи. Според писмата и фотографиите што ги испраќал од Перу до семејството на Ванѓел во Битола, може да се заклучи дека тој таму се описменил на локалниот шпански/кастиљански јазик и писмо. Во друг документ стои дека откако Јован останал сам, се разболел и од тие причини не се оженил и не создал семејство. Од еден службен документ е познато дека Јован (Јон/Хуан) страдал од болест и од сиромаштија. Иако, живеел во Арекипа, починал во Лима, и таму бил погребан 1946, на сметка на Општината. Натаму Ванѓел го ополномоштил господин Малига, близок пријател по потекло од локалното старо перуанско население, да се грижи за имотот, за издавање и депонирање на средствата во банка.

Морам да истакнам дека во семејните кажувања се таеле болестите како причина за смртта на Јован, а блискоста меѓу браќата што траела со децении, беше „виртуелно“ продолжена преку една зголемена заедничка фотографија на браќата, која стоеше на централно место во централниот простор на катот на нашата семејна куќа. Со таа фотографија живееше секојдневно семејството Јажеви, а истовремено преку фотографијата оваа семејна историја се пренесуваше и на нас внуците.

Ванѓел (лево) и Јован/Јон (десно) пред 1920

Во 1920 година, во „српско“ завршила печалбата на Ванѓел Јажев во Арекипа – Перу, Јужна Америка. При враќањето дома го посетил Белград, но како што самиот ми кажуваше, не почувствувал предизвик да се насели таму. Во сеќавањата му останала Битола, како најпривлечен град за живот. Сепак, најпрво се вратил во Крушево каде живееле неговите родители и други членови од семејството Јажеви. За кратко време, тогашните вешти наводаџии му предложиле да се ожени со младата Поликсена од Битола, влаинка по мајка, од богатото семејство на Лазар Иванов („ић“ – „мумџијата“/ на турски/персиски – свеќарот). Целиот тој род во Битола бил познат како „мумџиите“. Освен со свеќарскиот занает, се занимавале и со други видови трговија, особено со трговија на градежни материјали.

Младите се венчале во Крушево, на 29 август 1921 година. Во црковниот документ и во српската матична книга за венчавањето стои дека Ванѓел бил роден 1875 година, а за невестата стои само дека била на 20 години.  Според ове бројки, произлегува дека тој бил двојно постар од невестата, и дека имал 46 години. Со овој факт може да се толкува неговата силна желба да успее во секој поглед – како семеен човек да остави потомство и да створи добри услови за живот  со парите што ги стекнал на печалба и со започнување на нови трговски активности во неколку области. Младите го започнале својот живот во Битола, каде Ванѓел веднаш купил куќа во центарот на градот, на „Широк сокак“, како и дуќан во старата битолска чаршија. Во ноември 1922 година се родила нивната ќерка Надежда, а по една и пол година, во 1924, синот Велјан, крстен по името на таткото на Ванѓел, според народниот обичај.

Во наредниот период, по раѓањето на децата, Ванѓел го „затворил“ мачниот печалбарски период со „игла и конец“ и почнал интензивно да се бави со трговија со волна и недвижен имот (куќи за издавање). Сепак, за секој случај, дома имаше две „Сингер“ машини за шиење. Најпрво во 1927 година, легално и со тапија купил еден плац од 1988 м2, во околината на Битола, во село Брусник, со цврста намера да изгради и оспособи влачара која самиот ќе ја управува преку лична работа и трговија со волна посебно од западниот регион на тогашната Македонија (иманувана како „Јужна Србија“/„Вардарска Бановина“) каде што било развиено сточарството, како и од Мариово и други слични  сточарски предели.

 

Венчална фотографија на Ванѓел и Поликсена, 1921

Децата на Ванѓел и Поликсени – Надежда и Велјо во рана возраст

 

Според скиците на опремата во влачарата што ги поседуваше семејството а сега се наоѓаат кај мене во семеејниот архив, може да се види дека тој целосно ја остварил намерата. Изградил солидна приземна хала над силниот воден јаз бидејќи таа водена сила била услов за покренување на квалитетните германски машини за влачење што ги набавил. Тој реон на Брусник каде силно  течел јазот од висина и под потребен агол, не служел само за влачење на волната, туку и за работа на неколку воденици на луѓе од селото. Во влачарата работеле работници – неколку мажи, како и по некоја жена која работела на чепкање на волната и како и на ткаење черги и килими на два стана, како и за други потреби на домаќинствата. Изработките биле нарачувани, или се продавале во дуќанот во чаршијата.  

Важен чекор во неговиот план за успех било купувањето на голема куќа на приземје и кат, со голем плац/двор,  што претходно, во 1926 година,  била наследство на четворица наследници (ќерката на пок. Сулејман Мустафа, вдовицата на Ќазим Сулејман и вдовицата и синот на пок. Назиф Сулејман). Куќата се водела на ул „Стара Пошта“ бр. 2. Наследниците ја продале оваа куќа преку свој полномошник на извесен (Димитрија Спиро Трипков („ић“),  од кого ја откупил Ванѓел во 1930 година, легално и со тапија. Потоа ги откупил сите соседни плацеви и куќи околу главната куќа, кои служеле за издавање.

Го истакнувам турското потекло на куќата, заради нејзината усогласена убавина и карактеристична естетика, изградена врз длабока и цврста камена подлога, на понов начин во тоа време, со полни цигли  и силно врзивно средство слично на денешниот малтер, со примена на обработено (парено) квалитетно дрво, на таванот, скалите и подовите и сите други вертикали и хоризонтали – поврзани во еден понов вид  „бондрук“ систем, со покрив од штици и ќерамиди и со високи оџаци.                                                                                                                                                               

                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                              

Куќата наследена од Ванѓел Јажев во Битола, руинирана но сеуште убава

Фото: Стојанов Славе, Завод и Музеј, Битола

 

Во 30-тите години многу големо значење имал ортаклукот на Ванѓел со Христодул (срп. Риста), Милошев („ић“) – нагалено викан Дуле, од познатото охридско влашко семејство Милошеви. На Ванѓел му бил потребен човек кој ги познава српските закони, а таков бил Дуле, кој иако не бил адвокат, ги знаел добро сите законски постапки поврзани со разни правни области во животот. Тој им помагал на многу луѓе, пишувајќи разни барања, жалби, тужби, итн., и таа работа му била извор на приходи. Добро ги познавал и законите во српската економија, поврзани со банките, кредитите, хипотеките, итн. Од тука – натаму,  сите зделки тие двајцата ги правеле ортачки. Земале кредити со добри  и домаќински пресметки за враќање на парите. Во тој период се ориентирале на Белград. Најпрво купиле на кредит голема куќа на „Славија“, наменета за издавање. Потоа купиле голема куќа на ексклузивно место, во ул „Крунска“ бр. 81, исто така на кредит, наменета за издавање, како извор на приходи.

Но времињата станале несигурни и секој  нов ден се повеќе мирисал на војна и страдања.

Во тој период децата на Ванѓел и Поликсена пораснале и имале многу поголеми барања од порано. Двајцата биле ученици во српската битолска гимназија.

Нада и Вељо Јажеви во III клас српска гимназија во Битола. Фото Белград 1937

 

Надежда пораснала во многу убава девојка. Дури и во нејзината поодмината возраст, сме слушале од постари Битолчани дека пред Втората св. војна била меѓу најубавите, ако не и најубава девојка во Битола.

 

Нада Јажева пред дипломирање во битолската бугарска гимназија во 1941/1942 година

 

Вељо бил солиден ученик. Во тоа време бил обземен од новите политички идеи на комунизмот, како  можност за создавање ново општество на рамноправни луѓе. Тоа било случај и со многумина на негова возраст. Во семејството се кажуваше за него дека бил во состојба палтото да го соблече и да го даде на друг кој немал палто. Локалната (македонска) варијанта на комунизмот, ги земала предвид и  несреќите предизвикани со поделбата на Македонија, и таа идеја за обединување била водечка сила на многумина постари или помлади комунисти. Во тоа време Вељо запишал студии по ветерина на Универзитетот во Белград. Набрзо било јасно дека таа идеја за обединување била тешко остварлива без подршка од  некоја озбилна идејна и финансиска помош. Тоа го потврдиле и настаните поврзани со Втората Светска војна кога се конституирала ДФМакедонија, и кога настрадале оние кои ги застапувале тие идеи за македонско обединување.

Ако се суди за новите настани од било која гледна точка, секојдневните работи и трговските зафати на Ванѓел почнале да одат надолу. Најпрво, во бомбардирањето на Белград била срушена ортачката зграда на „Славија“. Поликсена била многу исплашена затоа што од Вељо немало никакви вести од Белград. Тогаш жените од  семејството ја убедиле да оди кај познатиот битолски претскажувач, – Десоецот. Самата ми кажуваше дека на крајот ја наговориле и дека отишла кај Десоецот без верба дека нешто озбилно ќе чуе од него. Но пред да отвори уста и да каже било што, Десоецот и се обратил строго  дека дошла без потреба, бидејќи тој незин „непрокопсан“ син не мислел доволно на неа да и прати било каков глас дека е добар, и дека сепак тој глас брзо ќе стигне. Случајот го памтеше како еден вид „чудо“ што и се случило во животот, бидејќи навистина по еден ден стигнала вест дека е тој добар и дека е се во ред.

Додека Вељо студирал, користел една соба во еден од становите во куќата на улица „Крунска“. Таму, во Белград, запознал една девојка, Вера Пашиќ, ќерка на гостилничарот Пашиќ. Тие биле печалбари по потекло од Струшко, од селата каде имала големо влијание српската пропаганда. Подоцна, Вера му станала сопруга.

За тоа време во Битола навлегла германска војска, заедно со бугарските сојузници. Народот ги пречекал со буќети цвеќе. Германските војници биле распределени по семејни куќи. Некои војници биле доделени во куќата на Јажеви. Дома кажуваа дека војниците биле многу пристојни. Секое сабајле се миеле надвор со ладна вода и ништо не барале од домаќините.

Како што може да се види од последните случувања, откако заминале Србите, на сцена заедно со Германците стапиле Бугарите. Претходно означените битолчани како Срби, сега требало да постанат Бугари, а презимињата од “ић“ биле префрлени на „овъ“. Промената била запишувана и во нивните лични документи. Ванѓел кој не давал ни пет пари за балканска политика и имал неутрален став, и порано и во новонастанатата ситуација, имал сопствена народна македонска филозофија како да опстане со што помала штета. Јасно му било дека не може да ги смени настаните што како лавина го зафатиле цел свет. Во почетокот во материјален поглед не претрпел некоја поголема штета, бидејќи влачарата работела, во дуќанот се продавале изработките, а во куќите за изнајмување имало станари кои плаќале кирија. Но, не поминало долго време кога „ослободителите“ од Бугарија си го покажале другото лице. Познато е дека кадровските прашања ги решавале така што важните функции ги задржувале за себе, а помалку важните ги оставале на Македонците. Исто така нивната полиција постојано некого од чаршијата казнувала без доволно аргументи. Така еден ден бил уапсен и мојот дедо Ванѓел, колку да го заплашат, а потоа го пуштиле дома. Се почесто се слушало за нивните логори во кои биле испраќани главно македонците кои биле затворани на „превоспитување“ поради идејни несогласувања или некои други, за нив, недозволени работи. Денес е познато дека во логорот во Чучулигово бил затваран и нашиот ценет борец за слобода – Методија Андонов Ченто, кој подоцна настрадал и од „своите“.

Набрзо се случил пресврт во семејството Јажеви. По капитулацијата на тогашна Југославија, од Белград се вратил во Битола битолчанецот инженер Христо Светиев кој од рана младост бил задоен со идеите на ВМРО  и бил член на ММТРО (Македонска младинска тајна револуционерна организација). Бил назначен најпрво за помошник кмет на градот (1942-43) а потоа за кмет на Општината Битола (1943-1944). Тој ја побарал за жена ќерката на Ванѓел Јажев – Надежда и се оженил со неа во 1943 со многу свечена свадба и како што понекогаш истакнуваше – со девет попови. Во тој брак сум родена јас – Анета во декември 1944 година, а подоцна во 1951 се родил мојот (денес покоен) брат Томислав Светиев.

Работите се усложниле во 1944 година кога македонските партизани, заедно со другите народи кои се бореле против фашизмот на Хитлер и неговите приврзаници, ја презеле власта во Македонија, по сите основи и по упатства од централните келии на комунистичката борба, под раководство на Јозип Броз Тито. Познато е во науката дека во сите  земји каде што комунистите ја преземале власта, покрај добрите работи за оние кои претходно биле на маргините на општеството, извршиле и разни неправди кон сопствениот народ што требало да послужи како пример/наук за другите, да бидат солидарни и покорни по секоја цена. Најмногу настрадале луѓето кои претходно биле на некои важни функции на претходната власт, оние кои стекнале богатство преку печалба или друг вид приватна работа, оние кои секогаш биле со власта само заради интерес и богатство, како и разни примери на лична нетрпеливост, завист и слично.

Така мојот татко Христо во ноември 1944 бил затворен од органите на ОЗНА во Битола и осуден во 1945 од војниот суд  на пет години  затвор во Идризово. Бил оптужен за соработка со окупаторот, иако во неговата пресуда што ја поседувам не постои ниту еден доказ за било какво направено дело во таа смисла, за време на таа една година „кметување“. Освен тоа, во пресудата е запишано дека „имотното му  с׳стојание  е бедно“, што во споредба со денешните градоначалници, предизвикува само смеа!

 

Инж. Христо Светиев и Нада Јажева Светиева, за време на

свадбата во црквата Св. Димитрија во Битола 1943 година

 

Напротив, јас слушав во  семејството, и од други луѓе во Битола, кажувања како им помагал на некои млади партизани да заминат во планините за што мајка ми предала на судот благодарници од нивните мајки. Исто така имаше кажувања како помогнал да бидат ослободени некои битолчани, посебно Власи, од логорот во село Чучулигово (во близина на Петрич – дел од етничка и географска Македонија во Бугарија. Самото село го добило името од населените Македонци – бегалци од село Чучулигово во Серско – денешна Грција ). Во 1980-тите посебно бев вознемирена од кажувањето на господин Перо Петров, од познатото влашко семејство Лала. Тој ми раскажа како татко ми, преговарал со германците кои при повлекување имале план да го дигнат во воздух магацинот што се наоѓал во градот, со оружје и  разни експлозиви, со што голем дел од градот Битола би настрадал. После долго убедување со германците, постигнал договор да му дадат  24 часа да ги организира битолчани од градот и соседните села, со дрвени коли, магариња и на раце во кошници, да го изнесат целиот тој експлозивен материјал надвор од градот и таму германците да го активираат. Ден и ноќ луѓето ја извршувале оваа работа за спас на својот град. Не знам колку овие факти му помогнале на татко ми да не биде казнет со смрт (како што била првичната пресуда на новата власт), туку да биде казнет со петгодишен затвор во Идризово и бил ослободен во декември 1949. Вистината на овие кажувања ми ја потврди и мојата стрина Елисавета (Летка) Светиева. Кога за ова раскажување го прашав татко ми, тој не можеше да се воздржи. Ја наведна главата и ронејќи солзи тихо прокоментира: „Зар има уште некој кој се сеќава на тој случај“.

Еден ден во 1980-тите години, познатиот македонски композитор Кирил Македонски (Битола, 19 јануари 1925 – Скопје, 2 јуни 1984), ме запре   во ходникот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, со намера нешто да ми раскаже за мојот татко. Признавам дека не бев особоено заинтересирана, бидејќи ми беше прва директна средба со г-дин Кирил Македонски кого воопшто не го познавав лично, туку само од некои податоци прочитани во јавните гласила. Тој го започна своето кажување со опис на моменти од неговиот многу беден семеен живот во време на неговите гимназиски денови. За да донесе дома некоја каква-таква сума пари одлучил аматерски да наслика една слика на платно и да се обиде да ја продаде во Општината. Градоначелник на Битола бо тоа време бил мојот татко инг. Христо Светиев. Кирил побарал прием кај него, и бил примен. Таму тој на татко ми му ја кажал вистината дека семејството било во голема сиромаштија и замолил да биде купена сликата од страна на кметот на Општината, за која што самиот изјавил дека е аматерска. Со треперлив гласг, г-дин  Кирил ми кажа дека татко ми без збор ја прифатил неговата понуда и Општината ја откупила сликата. Ми кажа дека тогаш сватил дека татко ми е чувствителен човек кој ги разбира сиромасите и за секогаш се чувствувал како негов должник. Со тоа што решил да ми го раскаже случајот директно мене како негова ќерка, сметал дека „симнал“ дел од „долгот“ што го чувствувал по однос на татко ми.

Покрај казните во Идризово, татко ми бил дополнително казнет, преку малтретирање  и измачување на неговото семејство кое го сочинуваа:  мајка ми Нада и јас  (сеуште бебе), како и нејзиниот татко Ванѓел и мајка и Поликсена, сите заедно во семејната куќа на „Стара Пошта“ бр. 2. Хајката започнала со лишување од имотот и можноста за заработка на мојот дедо Ванѓел. Од почеток, до крај, Ванѓел беше најголемата жртва во овој случај со татко ми, постојано на удар на комунистичките активисти од новата управа во  Битола,  иако тој никогаш не се бавел со политика, ниту пак било што заработил за време на војната како некаков воен профитер. Познато е дека ако имало такво нешто, ќе завршел во затвор како и други. Сепак едно по едно му одземале се што стекнал во својот дотогашен живот – печалбарската заработка, добивката од неговата работа во влачарницата, и неговите куќи што ги купувал за издавање заедно со ортакот Дуле, сите на кредит. Најпрво едно утро влегле без најава група активисти од Битола и го известиле да не оди веќе на работа во влачарницата, затоа што таа од вчера станала „народна“. Не само што го оставиле без работа, туку ги оставиле без работа и другите работници кои од таму ги хранеле своите семејства. Инаку, влачарата стварно станала „народна„ бидејќи луѓето од Брусник и околните села украле се што можело да се украде, така што од халата не останал ни камен на камен. Дедо ми Ванѓел  успеал да пренесе некои делови од машините, еден разбој и некои ситни предмети, како дрвен мангал, руски самовар и сл., на што јас се сеќавам. Настојуваше да обезбеди некоја пара за семејството со продавање на тие делови, како стари железа. Втор голем удар беше национализацијата на половина од нашата семејна куќа по вертикала и дуќанот  во состав на куќата. Патем кажано, до денес, ете има 17 години, како не сме успеале да го вратиме својот имот иако поседуваме еден куп веродостојни и оригинални документи. Изгледа дека некои од тие „некогашни“ извршители или  нивни потомци и истомисленици, се сеуште живи и не  дозволуваат да заживее правдата.

Во оној дел од куќата што не беше национализиран, ни доведоа станари. Едно војно лице – Благоја, со три возрасни деца – ќерка и два сина. Тие беа сместени во единствените функционални делови во приземјето на куќата, па баба ми и мајка ми користеа трошни простории залепени за куќата од страната на  дворот,  што останале како помошни простории од старата турска куќа, пред градбата на сегашната. Среќа за нас беше што тоа војно лице со име Благоја, се погоди добар човек кој согледа дека не е во ред тој да живее со централните соби, а ние во помошните. Тој почна да бара стан од војните власти и така еден ден се иселија. Како сеќавање на оваа племенита постапка, мојата мајка Нада до крајот на животот пријателски ја посетуваше ќерката на Благоја и имаше за нив и за неа само убави зборови.

Во екот на нападите врз нашата куќа, извршителите на новите власти го заплениле целиот намештај на мајка ми што го добила од дедо ми Ванѓел, како свадбен подарок. Истовремено ги отвориле сите ормани во куќата и ги пробале костумите на дедо ми и татко ми, а потоа тоа што им одговарало го заплениле, а орманите ги затвориле и ги пломбирале. Мајка ми и баба ми Поликсена кажуваа како тогаш останале без долен веш и без облека и морале да се снаоѓаат и да бараат помош од роднините. Освен тоа, им биле одземени и други предмети од куќата, од  кревети до маси, огледала и столици, така што потоа дедо ми набавил прости железни кревети со железна  пружина. Поголемиот дел од намештајот на мајка ми бил вратен после многу години и трчање по судови од страна на Дуле, дедо ми и многу други сведоци.

Нашиот опстанок беше озбилно загрозен, бидејќи пари немаше од никаде. Дедо  ми Ванѓел кој беше многу паметен и реален човек, воспостави контакт со господин Малига, неговиот пријател од Перу, со молба да уплаќа пари од киријата на тамошната куќа, преку органите на меѓународниот Црвен Крст за да добиваме пакети со прехрамбени артикли. Во време кога други претходно добростоечки граѓани од Битола го губеле моралот во слични ситуации како нашата – паѓале во депресија, страдале од срцеви удари, па дури имало и самоубиства,  дедо ми имаше способност сите работи – добри или лоши, да ги прифати без коментар, и да бара нови начини за живот. Во нашиот двор почна да одгледува кокошки, да сади зеленчук, па дури и ситно грозје без семки кое го сушеше да се најде нешто благо во зимскиот период.  Потоа, една по една почна  да ги продава помалите куќи за издавање кои беа околу нашата куќа, за некако да дојде до пари. Во тоа време ја продаде чезата и магарицата “Софка” заедно со нејзиното тукушно родено магаренце, кои јас неизмерно ги сакав и плачев по нив. Дедо ми одеше во влачарата со чезата што ја влечеше магарицата “Софка” и често пати и мене ме земаше со него, да си играм покрај јазит, да собирам цвеќиња и сл. Претходно, битолската власт му ја сруши куќата на „Широк сокак“, како и една куќа што била на име на мајка ми, за да направат некој хотел со менза во тогашниот „руски“ комунистички стил (хотел Македонија). Во тој период останал и без дуќанот во чаршијата. Документите што ги поседувам за проценка на штетата, да не се тажни би биле повеќе од комични, бидејќи паричниот износ одговара како за срушени кокошарници. Разни документи поседувам и за големата куќа на „Славија“ во Белград, своина на Ванѓел и Дуле, што била срушена во бомбардирањето на Белград 1941. И тука оштетата е само симболична а никако реална. Потоа била национализирана големата куќа на ортаците на ул. „Крунска“ бр. 81 во Белград. На двајцата им бил  оставен по еден стан со затекнати станари, кои според новите српски закони, добиле статус на заштитени станари, на кои никој ништо не им можел, ете до денешни дни. Во решението за национализација, е наведено дека Ванѓел и Дуле биле должни да ги исплатат до крај земените кредити за куќата! Се разбира, тоа не значело дека ќе им бидат куќите вратени назад! Тогаш баба ми останала без својот свадбен накит, покрај другите жртви што ги поднел Ванѓел позајмувајќи пари за да не настрада заради тој долг. Со тој потег практично му било одземено се што поседувал од недвижен и движен имот, освен делот од куќата во Битола каде што живееја.

Останала уште куќата во Арекипа. За невољата да биде поголема, државата Перу планирала да ја продаде бидејќи имало некои неплатени порези, а единствесниот газда, мојот дедо Ванѓел, не се појавил со години во земјата и не се грижел за куќата, додека во меѓувреме неговиот брат Јован починал. Не е јасно зошто господин Малига не можел да излезе на крај со овие оптужби, или намал доволно пари за водење судски процеси… едноставно овие моменти за мене се непознати. Можеби во меѓувреме и тој починал. Единствено знам дека дома сите беа во паника, бидејќи таа куќа не одржуваше во каква-таква кондиција во повеќе кризни години. Потоа, по долги разговори меѓу дедо ми Ванѓел и неговиот син Вељо, падна одлука Вељо со семејството – жената Вера и двете мали девојчиња – Виолета и Маргарита, да заминат за Перу  за да го спасат имотот. Пред нивното заминување, направивме сите заедно една фотографија, за сеќавање. Реално, дедо ми после овој настан го изгуби на некој начин и својот син, а бидејќи беше навлезен во длабока старост (83 години), не очекуваше дека пак ќе го види. Можам да замислам како се чувствувал дедо ми, но со сигурност знам дека баба ми Поликсена никогаш не го прежали заминувањето на својот син.

Ванѓел и Поликсена пред куќата и на мостот на р. Драгор, 1958-59

Фотографија за сеќавање: семејство Јажеви – Битола, фото Папакоч 1958

Горен ред од лево на десно: зетот Христо Светиев (поч. 1985), АнетаСветиева, Вељо Јажев (поч. 2011). Долен ред од лево на десно: Томислав Светиев (поч. 2007), Нада Јажева Светиева (поч. 2010), Поликсена Јажева(поч. 1967)  ја држи Маргарита Јажева, Ванѓел Јажев (поч. 1964), снаа Вера Пашиќ Јажева и Виолета Јажева ја држи мајка  ׳и под рака

 

Така, во 1958 година, Вељо Јажев со семејството замина во Перу. Тој планираше таму да работи во струката како доктор ветеринар, и натаму да останат во Перу. Но пред заминувањето, не пропушташе да каже пред целото семејство во Битола дека оди да го спаси имотот, за себе и за нас (другите). Но работите сигурно не се развивале според планот, па понатаму веќе не го спомнуваше имотот. Од друга страна, тој го преземал имотот во Перу врз основа на документ со дозвола од страна на мојот дедо Ванѓел. Сигурно дека не им било лесно таму, во туѓа земја, далеку од родниот крај. Но неговата сестра, мојата мајка, до крајот на животот го потсетуваше на дадениот збор што не го одржал. Бидејќи таа се грижеше за мајка и Поликсена додека таа беше многу тешко болна, со дозвола на Поликсена, имотот во Битола и во Белград што се водеше на нејзино име, по судски пат беше префрлен  на име ќерката Нада. Тие факти погубно делуваа во пореметувањето на односите брат – сестра. Потоа, негде пред 1990-тите години, Вељо Јажев се врати во Македонија со семејството и со синот роден во Перу, кој не можевме да го запознаеме поради нарушените семејни односи. Вујко ми наместо оригиналното презиме „Јажев“, продолжи да ја користи перуанската јазичната варијанта на презимето – „Јаге“. На тој начин, семејното презиме стана непрепознатливо, бидејќи во 1964 година почина Ванѓел Јажев, а во 1967 почина Поликсена Јажева. Оригиналното презиме  остана на нивниот гроб, на гробиштата „Св. Недела во Битола“, за долго сеќавање.

Од животниот расказ за Ванѓел и неговото семејство Јажеви, може да се види дека е многу важен личниот став и количината на отпор што тој и другите од семејството биле во состојба да ги пружат во борбата за своето преживување. Настаните во општеството се менувале со голема брзина и без секаква логика, додека од друга страна сите повлечени потези на Ванѓел биле длабоко промислени во корист на животот. Тоа било време кога никој не можел да гарантира дека ќе преовлада една идеја или политика. Заради тој факт, ни луѓето не можеле да гарантираат за своето однесување или подршка на одреден модел на општество, туку настојувале  да ги „препливаат“ успешно сите модели,  замки и идеи. Историјата сведочи дека имало многу трагични ситуации за време на сите војни во 20. век, во Македонија. Во таа количина на историски податоци, секоја лична историја претставува посебен допринос кон општата историја, доколку сакаме историјата да не ја пишуваат само победниците, туку и обичните граѓани. Исто така, семејните биографии ја дополнуваат „личната карта“ на градот, во случајот градот Битола, и сведочат за културата на градот и настаните што влијаеле врз неизбежните историски промени во минатото и сегашноста.

 

Дополнување и објаснување за читателите

 

Читателите можеби ќе се запрашаат како тоа на гробот стои датум на раѓање 1885, а јас ја наведувам годината 1875. Вујко ми, кој го правеше гробниот споменик кога се врати од Перу, сигурно се нашол во небрано во поглед на годината поради разни спротивни податоци, па ја навел 1885! Не е редок случај некои институции на државта  да импровизираат со личните податоци на граѓаните. Тој факт може да се види во разни документи издадени од надлежните органи и, доколку немате среќа или некој „значаен“ заштитиник, многу тешко се менуваат во корист на вистината. Сум слушала од нотари во Битола дека најголем проблем им се грешките во документите издадени во Битола. Таков е и овој случај. Во тој поглед можам да потврдам дека случајот сум го испитала одговорно, онака како што налага научната етика и морал. Најпрво се обратив до Матичното одделение на Крушево – родното место на дедо ми. Таму службениците од матичната служба ги користат постарите и поверодостојни матични книги од „српскиот период“, каде за секој податок се наведува изворот од каде е преземен. Така на пример, за Ванѓел, запишувачот навел дека годината на раѓање (1875) ја преземал од  матичната книга на егзархиската црква св. Богородица во Крушево. Истата година на раѓање (1875) матичарот во „српско“ ја внел и во Изводот од матичната книга за венчавање во 1921 година. Истовремено, треба да се има предвид фактот дека тој матичар бил современик на дедо  ми. На чинот на венчавањето биле присутни најмалку шест сведоци – Ванѓел, татко му Веле, мајка му Захарија и сведоците Петрушевски Атанас од Прилеп и Лазоровски Цветан од Крушево и матичарот кој го потпишал документот. Така изгледа црковниот и граѓанскиот извод за венчавањето на Ванѓел и Поликсена, издаден во  денешни дни од  Матично Крушево и од свештено лице, што јас ги поседувам. На тие документи немам причина да не им верувам. Истото  е наведено и во друг  извод издаден во годината на  смртта на дедо ми – 1964. Но, очигледно никој не ги земал предвид податоците и не ги споредил со погрешните податоците од „смртовницата“ издадена во Матично Битола истата година.

Но, тоа ништо не значи за одговорниот службеник од Матично Битола, кој повеќе му верува на непознатиот болничар кој, спротивно на законот, дал податоци за дедо ми, наместо неговата жена Поликсена и ќерката Нада од кои не се земени податоци, а биле присутни на смртта на дедо ми, во деновите на погребот и потоа. Така Матично Битола користи своја година за раѓање на дедо ми (1884), што ја нема на друго место, освен во нивните книги. Тоа не е се што без основа може да запише некој службеник од Матично Битола, а друг да не сака тоа да го поправи, бидејќи некои од нив се однесуваат како да се над Законот. Така на пример, за татко на мојот дедо Ванѓел,  директорот на Матично Битола, во 2012 година, го прогласи неговиот брат  Јован/Јон, Хуан/, во нов издаден документ – „Извод од матичната книга на умрените“, затоа што така изјавил непознатиот болничар и така е запишано во матичната книга! Обратно пак, во „смртовницата“ од 1964, графата за родителите е празна! Мојата аргументирана реакција беше отфрлена без грижа на совест а приложените документи омаловажени. Тој службеник се признава само самиот себе и не ги признава оригиналните документи еве веќе шеста година. Освен тој погрешен запис во матичната книга, тој не располага со никаков друг документ, за разлика  од нас и нашите бројни семејни документи каде јасно стои дека неговиот татко се викал Велјан/Вељо/Веле. Мојот вујко Велјан Јажев е крстен по неговиот дедо Велјан/Вељо/Веле. Службеникот од Матично не го познавам, но го запознав во најлошо светло преку неговите одговори и постапки. Па, така произлегува дека освен мене – внуката на Ванѓел, има уште некој кој се занимава со Ванѓел и кој на чудовишен начин му нанесува штета на мојот покоен дедо и ги сквернави нашите лични податоци од семејното стебло.   

 

Авторка на текстот е (проф. д-р Анета Светиева). По татко потекнува од семејствата Светиеви/Волканови – а по мајка од семејството Јажеви – од Битола. По професија е уметник – вајар и доктор на етнолошки науки, редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија  на ПМФ УКИМ, сега во пензија.