Со 45 години континуиран стаж во занаетот, Илија Христов Иванов е најупорниот и најдоследниот реализатор на печатарската дејност во Битола. И додека другите, од ред причини, ја прекинуваат и ја обновуваат својата работа, вешто извлекувајќи се од неприликите и замките на времето, тој постигна резултати во месното печатарство што се за секоја почит. Неговата печатница, како никоја друга, стана и школа и расадник на генерации битолски графички работници и нема, речиси, нити еден постар графички работник од Битола кој не поминал низ неа како чирак, калфа или мајстор.
Роден е во Плевен (Бугарија) 1883 год. Има завршено 4 класа гимназија, а со графичарството започнал да се бави, според неговото сеќавање, во далечната 1900 година. Еден период од животот и од работата поминал во солунската печатница на браќата Самарџиеви од Прилеп каде што
работел како квалификуван калфа на големата хефмашина.

Илија Иванов со ќерката Елена во Софија

Заедно со него во истата печатница работеле и неговите две сестри, графички работнички-ајнигерки. Пресврт во неговиот живот претставува средбата со Ристо Кирјас кој во 1908 год.беше дошол во Солун и ги обиколувал печатниците, барајќи погодно решение за печатницата што требало да ја отвори во Битола. Нему веднаш му паднал в око 25-годишниот калфа и му понудил да се пресели во Битола, нудејќи му работа во својата идна печатница. Поканата била прифатена и Иванов набргу се нашол во Битола и оттогаш натаму животната и професионалната врвица ќе ја поврзе со овој, за него, втор роден град.

Во ова време во Битола гимназија учи прилепчанката Стефка Человска, ќерка на богатиот трговец и лиферант со жива стока за турската армија, Нуне Человски. Посредник во бракот меѓу нив се јавува Р. Кирјас кој понатаму ќе им стане и семеен пријател, но и нунко. На 9 септември 1913 год. меѓу нив се објавува свршувачката, а на 14 јануари следната година извршен е чинот на официјалното склопување на бракот во прилепската црква „Св. Благовештение.

По една година младиот брачен пар го добива и првото дете, синот Борис, а нешто подоцна и две ќерки, Љуба (1922) и Елена (1924). Се говори дека Стефка во бракот донесла огромен мираз кој ќе стане и основа за развојот на работата на Иванов.

Куќата на Илија Иванов со книжарницата и печатница Просвета и уште две градби се дел од сегашниот хотел Македонија

Благодарејки му нему, во 1921 год. во месец март купуваат поголем плац во централното градско подрачје, во најелитниот негов дел, на Широк Сокак, спроти тогашниот репрезентативен хотел „Босна”. Истиот го купуваат од битолчани, преселени во Солун. Набргу на истото место подигаат куќа од приземје и два ката која станува украс на улицата и градот. Во приземјето имаат намера да ги сместат книжарницата, која во ова време е спроти училиштето, познато во народот според улицата „Алимпиќева” (денес „Гоце Делчев”) и печатницата. Првиот кат бил наменет за простории за дневен престој, а на горниот спалните. Плацот и куќата гласат на Стефка Иванова.

Лево Просвета десно хотел Босна (тркалезни клупи пред Домот на Културата)

Пет години подоцна, односно во 1926 год., Стефка за 2100 динари во злато купува уште еден плац. На него, исто така, подигаат куќа. Кога новата власт на 16. XII 1944 год побара да ја оцени и да ја декларира вредноста на својот имот, Иванов наведува дека се состои од две куќи, еден дуќан и поголемо количество печатарски и други материјали, кои, според слободна проценка, чинеле 1.605.000 лева. Приближно ваква вредност имотот имал и во 1939 година, тогаш чинел 1.500.000 динари.

Покана за свадба на Илија Иванов и Стефка Человска

Тоа е богат имот и Иванов во ова време е еден од имашливите граѓани на Битола. До него, се разбира, дошол не без напрегања. Имал подеми, но и ризични потфати и падови. На пример, на 25 април 1924 год. месниот весник „Јужна Стража “на просторот за рекламирање, известува дека печатницата и книжарницата „Просвета”, чиј основач е Иванов, имал компањон, Лозанчев. Тоа дава за право да се заклучува
дека печатарот во ова време се наоѓа во материјални проблеми. Во 1929 год. Иванов доаѓа и до работ на банкрот.

Хотел Гранд лево и книжарница и куќа на Иванови ( сега продавница за чевли дел од некогашниот хотел Македонија)

Од власта на Битолската област биле порачани контигент лични карти за печатење чија вредност изнесувала 440.000 динари сите наменети за општините: Битола, Ресен, Охрид, Струга, Дебар и други места. Жупанот Тодоровиќ, кој ја дал порачката и кој одобрил картите да заминат со автомобил и да се дистрибуираат во посочените општини, тајно препорачал истите да не се прифаќаат и да се вратат. Така, порачката била одбиена, а и оние што веќе патувале по пошта, веднаш биле вратени на адреса на фирмата. Чистата загуба од оваа зделка изнесувала 380.000 динари.

Покрај тоа, од неговата книжарница по разни поводи од институциите од Битола и поблиските градови, како и од градови од Јужна Србија биле подигнати канцелариски и други материјали бесплатно, на реверс. Едно напластено такво задолжение изнесувало вредност од 115.556 динари имало и други.

Лево фурна Паско, право сегашен подвозник и продавница за чевли (некогашната куќа и книжара Просвета на Иванови), десно хотел Босна во последно време (Hotel Orient или Шарк претходно)

Ако кон сето тоа се придодаде и големата загуба од загуба од реквирирањето на скапата печатница во Првата светска војна од Германците тогаш сосема е јасно под какви се услови морал да работи и да врви тој.За да се обезбеди од слични потреси, уште повеќе од на јавената заканувачка светска криза која со огромни и тешки чекори надоаѓала и кај нас, презема мудер, пред се, практичен чекор, со што барем за неколку години на неговото семејство му обезбедува каква-таква материјална сигурност.

Националното потекло, веројатно, исто така, влијаело да се одлучи за
едно решение кое навидум е чудно и нелогично. Факт е дека никогаш не бил прифатен како домородец, кој и во говорот, но и во однесувањето имал нешто што е странско. Ако сето тоа се поврзе со „Бугарин”, кое најчесто во она време била дисквалификација, тогаш може да се сфати зошто биле и честите штрајкови во неговата работилница за време српската
власт. Од тие причини, на 25 декември 1930 год., сиот имот,
книжарницата и печатницата, кои биле на негово име (куќите фигурирале на името на сопругата), како и машините, техниката и печатарскиот материјал, а во вредност од 200.000 динари решава да и ги препише на сопругата.

Договорот, кој бил склучен во Првостепениот суд во Битола и заведен под бр. 425 и 3837 и го потпишале двете странки, бил официјализиран и преку „Службене новине” од Белград во броевите 69, 98 и 104 од 1931 г.Со тоа се разбира, не се елиминирал од работата ами фирмата и понатаму гласела на неговото име и тој имал право и понатаму да ја води, да заклучува деловни врски и да се грижи за производството. Дека навистина го предвидел развојот на настаните потврдува најдобро односот кон него на новата власт уште во првите денови по ослободувањето. Веднаш бил деградиран и наклеветен за колаборационалист. Хајката против него станала жестока и немилосрдна.

Одобрение за книговезачка работа

На 27. XI 1944 год. добива куса наредба од командантот на Битолското воено подрачје за три дена да го испразни дуќанот- магацин што се наоѓал отспротива на печатницата (до фурната на Паско) и да им го предаде на воените власти.

Градскиот народноослободителен одбор од Битола бара од него огромна сума од три милиони лева веднаш да ги внесе во касата на Одборот. Потресни се оние две реченици на „жалбата што ја пишува со своја рака на 12. XII. 1944 год., која потоа и целосно ја напишува на машина за пишување, а упатена „До поголемата финансиска власт”. На битолски говор, забележал:

„От страна на Н.О.0. дадено ми е да се јава на благајната на истиот одбор за да ми се кажит, оту истиот одбор ми фрлил да плата (внеса) три милиони лева. Ова сума јас уобште не можам да ја внесам, зашто не само што немам готови пари, зашто сите пари готови…

Бил малтретиран, воден по судовите и низ канцеларии и сето тоа резултирало, се разбира, со стресна психичка состојба, и, на крајот, со фатален инфаркт. Изубиен од августовската горештина и од последното судење, се вратил капнат дома, седнал на една од столиците од дневната соба и повеќе не станал.

Изгледот на куќата на Иванови, сега комплетно променет и дел од еден хотелски комплекс

Организаторите на хајката, така, биле изиграни. Кон тоа, имотот кого имале намера да го конфискуваат откриле дека е
на сопругата. Но тоа не им попречи да започнат нова хајка, сега против сопругата. И таа била оптужена како колаборационист, најдени се и сведоци, за жал кај оние што го ваделе некогаш парчето леб во нивнита печатница.

Во судовите тие изјавуваат дека бугарскиот седмичник „Пелистерско ехо” кај Иванови се печател бесплатно, како и бугарскиот пропаганден материјал. Сега Стефка е онаа што оди по судовите. Предметот го води личниот пријател на Иванов, предвоениот комунист и еден од најголемите адвокати на своето време, битолчанецот Филота Фила.
Она што не можело да се реали-
зира во 1945 год., направено е во 1948 год. Сиот имот е конфискуван, а семејството буквално е исфрлено од домот. „Таква грда слика на насилно иселување со фрлање на работите од прозорците во Битола не е видено”, се сеќава еден очевидец. На семејството Иванови, по молба, народната власт му доделува две соби на улица „Јорго Османо” бр. 36, чија кирија за месец дена изнесувала 120 динари, а тоа нема никакви приходи.


Извадок од Печатарството и издаваштвото во Битола, раководител на проектот проф. д-р Александар Стерјовски

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here