Монастир , главен град на еден од мутесарифлаците на вилаетот Селаник, е значаен град на базенот Карасу (Еригон), зелен и пошумен крај, богат со житни растенија и со стада.

Во Монастир се изработува филигрански накит од сребро и од злато, рамки за огледала, изработени рачно, кутии за тутун, Послужавници за кафе, зарф (тас со навлаки, еден вид чашки за јајце кои се носат до устата, без да се изгорат рацете, филџани или турски полички за кафе), кутија за цигари, запалки, вазни од секаков вид и др. Оваа изработка е мошне забележителна по убавиот вкус, финоста на украсувањето, како и по релативно евтината цена, како предмети кои се лесни. Веројатно, слободниот граѓанин кој го гледаме е некој „уста“ (бележит богатник) на ,,еснафот“ (големо здружение) на фабриканти на филиграни.

Неговата облека, иако не наметлива, го одбележува како една од тие личности, „богати“, кои стигнале дотаму сосема полека, со една постојана и чесна работа, до едно прилично
значително богатство, што му дава почит во неговиот дел од градот каде тој живее. Видно е дека тој има своја куќа. Се гледа дека него се уште не го расипало богатството, до извесен степен борец за напредок, тој се уште не се одрекол од својата национална облека, толку живописна и кокетна, старата облека на неговите татковци, добрите отомански работници; но, привлечен од финоста, од мекоста и лажниот сјај на штофот, тој ја фрлил со презир цврстата, груба „аба“, ткаена во неговото село и ја заменил со ткаените штофови од Австрија, малку поскапи, но мошне подобри. Тој ткаенините ги користи различно, иако е економичен, што не е за сомневање, тоа е заради тоа што сака да ја казни својата вообразеност.

Покрај тоа, крупните и грациозни везови од злато, кои го збогатуваат неговиот „шамадан“, „минтанот“, чепкенот“ ќе го позабават изабувањето на штофот, на кој тие стојат како украс. На неговиот „потур“ на кој еден вешт мајстор кој се сметал за мајстор во елеганцијата, ставил неколку извезани ружи од свила, кои би го надживеале времето, се разбира, поради неговиот вид на работа.

Ако е согласен да го остави на своите деца, според стариот обичај, секако дека би требало да се стават неколку парчиња назад. Со некој осет за кокетерија, сосема локална овој пат, нашиот граѓанин oд Монастир, го украсил својот појас со еден синџир за саат, произведен во самиот град. Секако дека саатот што е закачен на него, кој не може да се види, бидејќи тој се наоѓа во џебот на неговиот „шамадан“, тој е еден од старите саатови, спомен од убавите денови на трговијата со саатови. Тој саатот ќе го затвори во една кутија ad-hoc, каква што кутија имаат во употреба само луѓето во Турција, без сомнение дека повторно ќе ја земе оваа тешка и прекрасна кутија од една исто така ad-hoc торбичка од кашмир и ќе го извлече со почит и љубов секојпат кога сака да знае колку е часот.

Како и да е, цврст во основа, обезбеден со црни „кондури“, друг бесмртен споменик, тој и се потсмева на грижливоста која е безвредна пред неговите очи, бидејќи за оној човек кој многу сака да направи, часот нема никакво значење. Неговиот тежок „фес“ е цврст како една европска капа; него го крунисува еден „пискул“ широк и мек како свила, на една глава каде се движат чесни мисли, единствените кои му го даваат правото на граѓанин.


Монастир, турски назив за Битола.

“Мутесарифлак, санџак, втора управна единица по вилаетот (ајалетот), воено-административна единица во склопот на вилаетот, во која влегувале повеќе кази и со која управувал мутесариф или санџакбег.

Кара Су, турски назив за Црна Река; Еригон е антички назив за истата река.

Уста, мајстор, титула што се давала на добри и квалификувани занаетчии.

Чепкен, куса блуза без ракави.

Потур, вид широки и набрани панталони.

Цртеж Едвард Леар