Кога би имал милион евра, последната работа на која би ми текнало е да купам скап автомобил. Всушност јас не би купил никаков автомобил, а камоли мерцедес од 600 илјади евра. А точак би купил. Еден убав, нов точак од сто евра, за да можам и понатаму, да имам утринска хармонија по патот од Новиот Пазар до Широк Сокак. После преубавиот бурек од пекара и слаткарница Церера и неодложното утринско кафе под сенката од тендата на Пицеријата Равена пред која потпрен ќе одмора точакот. Со останатите дваесетина илјади евра колку што кошта еден поефтин џип, би купил 200 точаци. Би ги поделил на двеста деца за кои знам дека душата им пати за точак. Зашто никогаш немале, а изгубиле надеж дека некогаш би можеле да имаат. И би тргнал со тие деца, на нашите точаци, од еден до друг ветеринар низ Битола. За да им дадеме 10-тина илјади евра. За да се погрижат за кучињата скитници низ градот. За да може секое дете кое ќе посака, да гали по едно дома.

Кога би имал милион евра, би им рекол на син ми Коста и ќерка ми Сандра, да ги соберат сите деца кои сакаат да тренираат кошарка, одбојка и карате, а немаат пари. Па би одвоиле 20 000 евра за спортска сала за десет години, за да ги тренираме децата бесплатно. И да ги учиме на другарување, самодоверба, самопочит и самодисциплина. Зашто еден ден ќе бидат сами во овој суров свет.

Кога би имал милион евра, никогаш не би потрошил стотици илјади за станови и дуќани. Со тие пари би отворил училиште за животот. Во него нема да има екстерно тестирање. Зашто наставниците ќе бидат детално истестирани пред да почнат да работат и тоа по три критериуми: Да не бидат татини синови и ќерки, да не се партиски војници и да бидат креативни. Во тоа училиште ќе се учи за рамноправноста меѓу половите. За бракот како градба со темели од љубов со цигли од толеранција и непрокислив покрив од доверба и простување и семејството како основна клетка во општеството, и ќе се учи за семејството како за волшебен замок од сказните. Ќе се учи како се воспитуваат деца. Како се поставуваат животни цели и планови. И како се исполнуваат соништа и идеали. Со истрајност, без љубомора, завист и злоба. Со помагање и гушкање.

Кога би имал милион евра, не би одвоил 3000 евра за одмор во Дубровник па во Охрид. За да видат обичните смртници како
се живее. Зашто јас одамна знам како се живее во оваа Македонија. Туку би основал фонд со почетни 50000 евра, за обнова на феријалните шатори во Претор, каде за 3000 евра, годинава ќе може да летуваат, да се дружат и спортуваат и барем малку да осетат среќа, 30-тина деца кои никогаш во животот не виделе езеро, а камоли море. Зашто и тие заслужуваат барем толку. Зашто нивниот свет секое лето им е само ефтина воздишка пред сликите од далечните плажи на интернет …

Кога би имал милион евра, ни едно селфи не би направил покрај обилна скара, во кафеана со куп шишиња алкохол на масата или на пиво фест во Прилеп. Зашто знам еден Бојан, кој се уште на улицата Јоаким Крчовски каде што живеев порано, немав ни млеко, ни компјутер, ни кревет, ни насмевка, во празната соба под кирија. Би одвоил веднаш неколку илјади евра за неколку години станарина за татко му. Па би наздравиле со млеко тројцата, што би го доставувал секој ден во мојата некогашна улица. А тоа е само околу 2000 евра за десет ГОДИНИ.

Кога би имал милион евра, една секунда не би можел мирно да спијам. Зашто би знаел дека секое мое евро од сите милион, не вреди колку една детска солза. И уште рано наутро, ненаспан би отрчал до фондот за здравство за да видам чиј живот можат да спасат моите 60 илјади евра. Зашто кога би имал милион евра, а мало искривено девојче да умре во болки пред очите на родителите чекајќи операција, би ми било
срам што сум ЖИВ.

Кога би имал милион евра, никогаш не би купил куќа зашто го имам мојот стан со балкун со поглед на прекрасниот Пелистер,
Па на балкунот да си пиам нескафе да си уживам во прекрасниот поглед и да пишувам песни со поглед кон залезот на сонцето зад Пелистер . А таму песните се
најубави.

Многу сакам да имам милион евра, поради две причини:
Првата е зашто и покрај се ова што досега испланирав, пак ќе останат уште најмалку половина милион. Со нив ќе направиме чуда со Вас кои ме следите. Втората причина поради која сакам да имам милион евра е за да се уверат сите ѓубриња кои веќе ги имаат тие милион евра во Македонија, дека се ова што го пишувам не се обични зборови.

Вангел Ушлиновски

Фото насловна MCV Pictures