Битолско минато

Со ПЕТ(АР) во ПЕТ(ОК)
Петар Ставрев

Специјално за „Бабам Битола“

Глацијалните езера на Пелистер, наречени „Пелистерски Очи“ спаѓаат меѓу најатрактивните природни раритети на Баба планина чиј врв Пелистер (2601м.) спаѓа меѓу највисоките на Балканот. Големото и Малото како што се познати овие езера се најмногу, покрај самиот врв, најпосетените од домашните и странски туристи.

Петар Стамболич на Пелистер

На Големо езеро после Втората светска војна изграден беше планинарски дом кој во пожар целосно изгоре, а во негова близина веднаш до езерото е подигнат нов дом за ноќевање на 50-70 посетители.

Перо Николовски-Картелот, Живе Николовски и Фети со велосипеди на Пелистер

Прво одговорно лице-домар на камениот објект со неколку спални соби и кујна беше Фети Али. Тој засекогаш ќе биде запаметен од сите посетители, зашто беше добродушен, коминикативен, мошне внимателен и снаодлив домар, скијач и планинар.

Фети Али според едни податоци беше роден во 1915 г. или 1916 г. во Битола. Неговите родители Демир и Усние беа битолчани со неколку машки и женски деца какви што имаше и Фети во бракот со Недиме.
Фети најпрвин беше вработен во Народната милиција, потоа курир и чувар во Општинското собрание, а кога домот беше ставен во функција тој беше неговиот прв домар, потоа беше домар во Домот на „Копанки“ па повторно во Општинското собрание, кај Судот за прекршоци, а по пензионирањето почина во 1999 г. Со Ицо Попов, Тамбата, Спирко, Перо Картело, Момазо, Живе, Силјановци се вгради во битолските легендарни планинари и скијачи.

За него се раскажуваа еден возбудлив случај кога неколку члена вооружени балисти откако ги нагости без тие да знаат дека Фети го знае нивниот јазик , се договориле на бегање да го убијат. Тогаш Фети сосема ладнокрвно им рекол дека затоа не жали но, ќе му останат сираци неколку членови на фамилијата, кој тој ги исхранува. Тогаш тие го оставиле и си заминале.

Неговата ќерка Неал (Нели) деновиве ни раскажа дека уште како двомесечна во ранецот ја носел на планина за која што имал голема и неизмерна љубов. Во домовите на Пелистер поеднакво домаќински ги причекувал сите туристи а во една прилика соборецот на Тито и познат југословенски политичар Петар Стамболич, како и многу други државни и градски личности, планинари и скијачи.

Планината ја сакал повеќе од сѐ, а кога не можел да се искачува на неа заради годините што го притиснале, најчесто зборувал за нејзините убавини, планинарите со кои другарувал и сите останати вљубеници на Пелистер. Ги знаел сите негови патеки, предели и камења и често посакувал да почине во неговите прегратки како што тоа му се случи на неговиот другар Ташку Гемту-Тамбата.