Елмир Граџан оваа сезона одигра феноменални натпревари во дресот на ракометниот клуб Пелистер од Битола.
Заедно со Јосип Периќ е „колонијата“ репрезентативци од Босна и Херцеговина и на повеќето натпревари дуото се издвојува со своите настапи.
И додека Периќ зад себе го има искуството од играње во Бундеслигата, Граџан се уште очекува да „наплати“ за неговите добри игри. Со упорност и континуирана посветеност, без разлика на честите неправди кои му се прават на овој пивотмен, Граџан го сврте вниманието на клубовите од посилните лиги од македонската.
– Навистина сум презадоволен од моите игри, но најважно е тимот да работи добро. Без добри тимски игри, невозможно е поединец да се истакне. Задоволен сум и од приватниот живот во Битола, но бидејќи имам неколку понуди за продолжување на кариерата, можно е летово да го напуштам Пелистер. Сепак, она за што најмногу размислувам во моментов е финишот на сезоната, каде се очекува тимот да плати за сите добри работи што ги направи во текот на сезоната – изјави Граџан за Voice.
Инаку, во последниот натпревар од четвртфиналето на Европската ракометна лига, во балканското дерби против Нексе, Пелистер загуби со 26:29 во Нашице, а Граџан беше најефикасен кај гостите со шест гола. Домаќинот го предводеше уште еден поранешен член на Сараево Босна, Фахрудин Мелиќ, кој постигна осум гола.
Реваншот од овој мошне интересен дуел се игра во среда во Битола.
Фото насловна Gol.mk