Прим.д-р Вера Пренда- Нича родена е во Битола на 03.02. 1925 г, каде го заврши основното и средно образование. Медицина студираше во Загреб, а дипломира во 1953 год. По враќањето во Битола беше назначена на работа во Општата болница, каде по неколку месечен стаж, а започна специјализацијата по педијатрија, во почетокот во Битола, а потоа во Детската клиника при Медицинскиот факултет во Загреб, каде во 1958 година го положи специјалистичкиот испит.

Како педијатар работеше во Детското одделение во Битола каде даде огромен стручен придонес за формирањето и осовременувањето на детската служба и одделот за Неонатологија, како и за едукацијата на бројни генерации млади педијатри и здравствени работници од сите профили. Како начелник на службата ги покажа своите извонредни раководни и организациони способности што нејзиното стручно интересирање, едукативните способности и определбата за решаване на
одредени педијатриски проблеми, беше предизвик кој не ја напушти до пензионирањето.
Конгениталната аномалија на колковите кај децата во Битола, беше застапена со над 4%. Од 1962 год самоиницијативно, како протагонист на раното откривање и лекување на оваа аномалија кај новороденото и доенчето, организира систематски прегледи и повеќе од две децении се бавеше со оваа проблематика. Тоа беше причина во 1971 година да биде примена како член на југословенската група за конгенитални дисплазии на колковите, како единствен лекар од Македонија.

Во проблемот хипербилирубиномијата кај новородените, учествуваше
воведувањето на ексaнгвино трансфузијата како терапевтска метода, која во 1962 год, за прв пат во Македонија, е извршена во Битола.
За правилна нега и исхрана на новороденото и доенчето, своето долгогодишно искуство го пренесе во прирачникот “Мајко, прочитај, научи и одгледувај ме правилно“.

Од 1976 до 1993 г. прирачникот е печатен во 6 изданија , во тираж од 150.000 примероци за цела Македонија. Таа организираше стручни семинари за едукација на педијатри по едини проблеми. Учествуваше на бројни семинари, симпозиуми, секциски состаноци, конгреси и др. со свои трудови. Заради своите стручни дострели во 1972 година го доби звањето Примариус, а во 1983 год е назначена за здравствен советник при Медицинскиот центар. Беше активна и во општествено- политичкиот живот како одборник во Општинското собрание, пратеник во Социјално-здравствениот собор на Собранието на СРМ и др.
Нејзиниот самопрегорен работен век траеше до пензионирањето на 03.02.1985 година. За својата долгогодишна успешна работа добитник е на Ноемвриската награда на Битола, Орден на трудот со сребрен венец. Златна плакета, бројни дипломи, благодарници и др.

Почина во 2010 г.

Здравството во Битола 1944-2004 на Петар Бојаџиевски и
Рената Бојаџиевска Цветковска.

Голема благодарност до Рената Бојаџиевска Цветковска.