Со заминувањето на нашите сограѓани во странство и нивното доаѓање назад во родниот крај, Битола добива и објекти со несекојдневен изглед по пример на градбите кои се секојдневни во тие прекуокеански земји. За нас едни од најимпозантните објекти кои ги нема никаде во нашиот град се куќите во с. Буково. Но за нив во друга прилика.
Како што пишува проф. Александар Стерјовски во неговото најново дело „Градби“ маркантните станбени објекти со сосема нов, градежен стил, со необично висок покрив, непознат за ова поднебје, е домот на семејството Анастасови, именуван и денес како „Американската куќа“.
Се наоѓа на крајниот истурениот, источниот раб од градот, на денешната улица „Гаврило Принцип“. Врз градежен план и со средства од САД, донација од блиски роднини печалбари, кои никогаш не се вратле во татковината, бил изведен во текот на 1935 год.
Има приземје и кат од 242 метри квадратни, а вкупната површина му изнесува 1.025 метри квадратни (градина, двор и дом). Претприемач и изведувач станал Илија Трајковиќ (Иљо Трампе), чиј потпис се наоѓа и на изведбениот план, кој се чува во архивата на семејството.”(1)
Куќата била подарок од двајца браќа кои што биле на печалба во Америка за нејзината сестра, која живеела под кирија и имала 8 деца. Заедно со парите тие ја испратиле и скицата како да изгледа куќата, на место каде тогаш биле бавчи и земјоделски површини. Едниот брат останал засекогаш во Америка, додека другиот на пат за Македонија загинал во авионска несреќа.
Куќата иако со дрва и висока ограда е затскриена од погледите на љубопитните минувачи, со нејзината архитектурна градба сеуште побудува восхит за милениците на необичната битолска архитектура за која има уште многу да се пишува и студира.
(1) Градби, Александар Стерјовски