Иако беше единствената парна локомотива на просторите на поранешна Југославија, „Црнка“ немаше намера да се пензионира сѐ до 90-тите, но пред некоја година таа заврши на отпад а нејзината „мајка“, славна и единствена Шеќерана во Македонија замина јабана.

Во натписот од постар број на Битолски весник („Црнка“ не размислува за пензија автор С.Г.) пишува дека во најубавите времиња нејзината посада ја сочинувале: Драганчо Лингуровски, машиновозач, Тони Талески, Цане Стојковски, Зоран Стојановски (машиновозачи-ложачи) и Васил Попчевски, скретничар. Сите членови на посадата на парната локомотива имаале положено соодветен испит и дипломи издадени од Македониската железница за работа во оваа дејност.

Фото Љупчо Николовски

Парната локомотива „Црнка“ била од моделот 62-651 и е произведена во фабриката Ѓуро Ѓакович од Славониски Брод, во далечната 1953 година. Тежела 41 а во работа 50 тони и развивала најповеќе 45 км/час. Нејзиниот рекорд бил 42 вагони и работела само во локален сообраќај од Шеќерана до железничката станица во Битола, влечејќи без проблем преку 420 тона шеќерна репка и годишно над 4000 вагони.

Фото Методи Димевски

Како познатото македонско вовче Ќирчо, сигурно и Црнка можела да има почесно место некаде на железничката станица во Битола, најмалку како историска поставка од последната парна локомотива во Македонија.

Но тоа не се случи и заврши во битолски отпад, слична судбина која што ја доживеа и нејзината „мајка“ познатата битолска Шеќерана 4-ти Ноември од Битола.