Огромниот број пци низ поголемите населби на Отоманската империја се должело најмногу врз верувањата дека милосрдие треба да се има, не само кон човекот, туку во иста мера и кон домашните и дивите животните, зашто и тие се божји суштества. Тоа станало основа, како што тврди Карние де Пинон (1579), многумина сериозно да се ангажираат во градење поила за коњи, за камили, да пројават посебна грижа кон мачки, кучиња и животни – скитинци. Ако некој љубител немал време да ги нахранува, плаќал посебно лице, во негово име, да го изведува тоа. Благодарејќи на таквата склоност, според едно битолско предание, еден од првите битолски муслимански светци, го добил и своето свето име – Џигер баба. Додека бил жив, запаметен бил како со џигери храни домашни животни. На неговиот гроб до Првата балканска војна можела да се види изложена ваква храна поставена од негови следбеници и почитувачи. Градските пци и мачки, се разбира, најмногу ги имало во дел од градот каде се фрлало ѓубрето.

Ваквата склоност резултирало градовите да бидат преполни со полу диви мачки и кучиња, посебно со кучиња, кои можеле да се сретнат низ пазарите, чаршиите, улиците и човек не можел да направи ни чекор, а да не се судри, не ретко, и со цела разулавена сурија. Завивале ужасно, особено доколку имале физичка болка.

„Овдешните кучиња се деца на улицата, вели еден посетител на Македонија, таму се раѓаат, таму живеат и таму умираат“.

Таков бил случајот и со престолнината. Ги имало и по осамените патишта, од каде лаејќи, напаѓале жестоко и на минувачите и недај боже некое да било и бесно. Најомилен, дури и постојан стационар во Битола во
средината на 19 век, им бил источниот дел од градот, каде службата за градска хигиена го фрлала ѓубрето и каде завршувале и отпадоците од кујната на бројната турска војска. Можеле да се сретнат и низ градот во групи од по 10 и 20, при што за времен градски престој, според Едвард Лир (1848), го имале „Piaza де Cani“ (Кучешкиот Пазар). Европскиов патник, доживеал и меѓукучешки жесток бој врз
мртов коњ, заборавен од некого.
Ваквата состојба со пците во Битола продолжила и по востановувањето на српската власт. Заслуга за нивната службена елиминација, односно за востановувањето на првата шинтерска служба, според лична изјава, била на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, додека бил српски окружен началник (1912-1913).

И подоцна заштитата на граѓаните, посебно на децата од кучињата, како и нивното уништување, за жал, одело стихиски. Едно се случило по каснувањето и смртта на четвртоодделенецот Јован, син на угледниот аптекар Ташку Михајловиќ, во 1934 год. Тој случај станал аларм за сеопшта акција. Санитетските општински власти лично ги предводел здравствениот инспектор д-р Јован Јовановиќ, а била поддржана и од неделникот „Нови сјај“ преку статија со опис на случаи за граѓани кои настрадале од кучешки каснувања, од кои некои се наоѓале сè уште и на лекување во Домот за народно здравје, кое станало само долевање
масло на оган во кучешкиот масакар. Шинтерската служба во Битола ја опсужувал, инаку, еден вработен, кој во 1932 год. го носел името „стрварду”. Имал месечна плата од 900 динари.*

Денеска состојбата во Битола изгледа вака:

Додека некој после многу непреспани ноќи, од петни жили ќе направи нешто да се помрдне работата напред за да има нормален стационар за кучиња, други ќе го опструираат, сопкат и маткат, се само заради тоа дека не е нивни проект или перја со кои тие ќе се перчат. За жал на незгрижените кутрина, кои моментално се во голем број, за жал и на преплашените и каснати граѓани кои се уште повеќе на број, веќе подолг период ни се сервира нешто друго. Се трошат енормни средства за некакви фестивали и сказни како забава додека градо и граѓаните мака мачат со проблемите.

Прашање е дали чекаме да ни се случи сличен немил настан каков што е запишан во историјата, бидејќи приоритетите за подобар живот и безбедноста на граѓаните ни се на второ место, или сето ова е вака од каприц, само заради ниму позната причина – времето ќе покажи, а народот ќе суди.

*Текст извадок од Калеидоскоп на проф. Александар Стерјовски